Пожар во камп кај езерото Гарда, 24 луѓе се повредени, дел од нив се хоспитализирани
Пескиера дел Гарда – Дваесет и четири луѓе се повредени во пожар што избувна денеска во камп кај италијанското езеро Гарда. Дел од повредените веднаш биле однесени во болница.
Едно лице има тешки изгореници на ногата, а на повеќе повредени им е пружена помош поради труење со јаглерод моноксид. Причината за пожарот, кој наводно избувнал во кампот „Bella Italia“ во градот Пескиера дел Гарда е непозната.
Пожарникарите изјавија дека пожарот брзо бил ставен под контрола, но експлозиите на боците со гас го отежнале гаснењето. Според податоците на спасувачката служба, седум лица се однесени во болница, вклучувајќи швајцарско семејство со три деца.