Германскиот канцелар Мерц пристигна во ненајавена посета на Киев
Берлин – Германскиот канцелар Фридрих Мерц пристигна во Киев, придружуван од раководители на германски компании од одбранбената индустрија.
Посетата е израз на поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски во услови на интензивирање на руските напади врз украинските градови.
„Денес пристигнав во Киев затоа што на Украина ѝ е потребна целата наша поддршка во наредните недели“, рече Мерц.
Според него, руските сили напаѓаат населби, станбени згради и инфраструктура за греење. „Ако Русија не биде запрена, порано или подоцна нејзината воена машина ќе се сврти против нас“, рече германскиот канцелар.
Тој истакна дека ќе го увери Зеленски за континуираната поддршка од Германија.
„Денес ќе му кажам на претседателот Зеленски дека тој и украинскиот народ можат да продолжат да сметаат на нашата помош“, посочи Мерц.
Тој ќе објави пакет мерки за поддршка на Украина, што вклучува распределба на една милијарда евра воена помош и уште 350 милиони евра за обновување на енергетскиот сектор, изјавија германски владини претставници.
Се очекува, и договор за заедничко производство на разни видови дронови да биде финализиран за време на посетата.
Германскиот канцелар е придружуван од министерката за економија Катерина Рајхе и бизнис делегација, вклучувајќи раководители од „Сименс Енерџи“, „Хенсолдт“, „Дил Дифенс“, „Квантум Системс“ и други компании.
Се очекува, Мерц да изврши притисок врз украинската Влада за напредок во реформите што ги бараат партнерите на Киев од ЕУ, вклучително и во борбата против корупцијата.
По телефонскиот разговор со Мерц на 30 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев и Берлин наскоро ќе го финализираат договорот за производство на беспилотни летала и ракети.