Љутков ја виде изложбата на Башески во Белград
Зоран Љутков како национален координатор за култура беше меѓу гостите кои на 2 октомври, во Музејот на современа уметност во Белград, присуствуваше на отварањето на изложбата „Корпореалност“, на нашиот познат вајар, професор и дописен член на МАНУ, проф. Жарко Башески. Изложбата ја отворија Нарона Љума Весели, в.д. директорка на Националната галерија на Македонија, Маријана Колариќ, директорка на белградскиот МСУ и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

Изложбата „Корпореалност“ го претставува уметничкиот опус на проф. Башески, а поставката опфаќа дела кои ги карактеризираат монументални димензии, хиперреалистична обработка и исклучително промислен однос спрема човечкото тело и искуството.


„Самостојното претставување на проф. Жарко Башески токму во галерискиот простор во Музејот на современа уметност – Белград е навистина уметнички подвиг и го покажува интересот за неговиот хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој што живееме. Преку своите реални претстави на постоењето, уметникот Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното.

Во неговите високоценети скулптури се испреплетуваат повеќе концепти, со современ поглед на човековата состојба преку самонабљудување, со употреба на нови материјали и со филозофски пристап при моделирањето и изработката. Сите тие елементи нудат повеќеслојно читање на уметничкото дело, ќе напише во образложението кон врвната изложба Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија во Скопје.

Поради фактот дека се работи за исклучителен автор кој, меѓу другото, ја претставуваше Р. С. Македонија на престижното Венециското биенале во 2011 година, кој е добитник на повеќе значајни меѓународни признанија, а многу од неговите дела се во приватни колекции кај нас и во странство, како институција од национален интерес, сметавме дека овој автор е најдостоен да се претстави токму во Музејот на современа уметност во Белград. Со тоа не само што ќе се прикаже неговото значајно дело пред белградската публика, туку и ќе се развие и ќе се зацврсти соработката меѓу нашите културни институции и меѓу нашите држави, истакна Крстевска. (Л.С.)
Оваа изложба белградската публика ќе има можност да ја види до 9 ноември