Со Шуберт и Малер, Филхармонија ја отвори сезоната со музика што допира до душата (фото)


Новата концертна сезона во Филхармонија, синоќа, пред (не)полна сала, започна величенствено – со музичка вечер во која се споија  духовната нежност на Франц Шуберт и грандиозноста  на музичкиот свет на Густав Малер и неговата Симфонија бр. 4. во ге-дур.

Особено впечатлив беше настапот на 13-годишниот сопран со изглед на ангел, Алексис Изар Гордон, член на Оперското училиште на Виенската државна опера, но со значајно сценско искуство, кој со исклучителна чистота, нежност и сигурност ја изведе прочуената „Аве Марија“ на Шуберт, а на крајот, за бис и „Аве Марија “ во верзија на бугарската композиторка Борислава Танeва која беше во публиката.

Неговиот прозрачен глас внесе посебна интимност во концертната сала, создавајќи миг на тишина, убавина и духовност. Како да ја почувствувавме атмосферата на Нова година. Во неговата интерпретација, Шубертовата мелодија звучеше едноставно, искрено и возвишено.

Татко и син

Контрастот со Малеровиот  раскошен и длабоко музички израз и неговата прочуена Симфонија бр. 4  (која нуди привидна едноставност, со карактеристичните ѕвончиња на санки, на почеток, а всушност, низ четирите става до финалето е истовремено нежно, чудесно и малку вознемирувачко) под диригентската палка на маестро Александар Гордон , кој има германско, руско и украинско потекло ( на само 23 години бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија), ја заокружи вечерта  во импресивна целина.

Од кревката лиричност до симфониската моќ, концертот понуди широк спектар на музички емоции и уште на самиот почеток покажа дека новата сезона на Филхармонија носи амбициозна и возбудлива концертна програма.

Нема да го нарушуваме впечатокот на оваа величенствена вечер со забелешката што ваква програма треба до последно место да ја наполни големата сала на Филхармонија, и со уважени гости и со претставници на дипломатскиот кор и дека публиката не научи кога да ракоплеска, а кога не. 

Фото: Татјана Ранташа

Меѓу гостите и маестро Симон Трпчевски и министерот за култура и туризам Седат Сулејмани
Директорот на Филхармонија Мустафа Имери и италијанскиот амбасадор во С Македонија, Паоло Палминтери