Какви пораки испрати Лајен во Подгорица и Приштина – што ќе порача во Македонија?

Ако се прифатат промените во гласањето што ги предлага ЕК, Брисел ќе ги урне ветата на Бугарија до одлуката за прием. Ќе биде ли тоа доволно за Мицкоски?


Како дел од својата турнеја низ Балканот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги посети Приштина и Подгорица, истакнувајќи две крајно различни фази од европската интеграција на Западен Балкан: барање за основна институционална стабилност во Косово наспроти амбициозниот план за завршување на преговорите за пристапување во Црна Гора.

Во косовскиот главен град, посетата се одвиваше во атмосфера на сериозни внатрешни тензии и незадоволство кај јавноста. Веднаш по пристигнувањето на европската делегација на аеродромот избија протести, поттикнати од пресудите изречени од Хашкиот суд  против поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), вклучително и поранешниот претседател Хашим Тачи. Демонстрантите блокираа патишта, носејќи транспаренти со пароли како „ЕУ, нè изневери“ и „Денес Тачи, утре Зеленски“.

Во разговорите со косовското раководство, Фон дер Лајен цврсто ја бранеше независноста на меѓународниот трибунал, нагласувајќи дека пресудите на судот се однесуваат на индивидуалната одговорност, а не на историскиот отпор на косовскиот народ. Таа упати недвосмислена порака до институциите за итен избор на претседател, продолжувањето на реформите и вистинската изградба на доверба со српското малцинство – како суштински предуслови за европска иднина.

Од своја страна, премиерот Албин Курти побара официјална поддршка за унапредување на кандидатурата на земјата за членство и за добивање статус на кандидат. Тој беше дециден дека неговата земја е подготвена. И покрај правните несогласувања, во преден план излегоа и конкретни економски поттици: до 882 милиони евра во рамките на Европскиот план за раст, започнување преговори за укинување на трошоците за роаминг и интеграција во Единствената област за плаќања во евра (SEPA).

Контрастот во Подгорица беше впечатлив. Таму разговорите не се фокусираа на почетната  туку на завршната фаза кон целосно членство во ЕУ. Фон дер Лајен потврди дека Брисел предвидува Црна Гора да стане 28-ма членка уште во 2028 година. Таа го поздрави напредокот на земјата – истакнувајќи дека Црна Гора е регионален лидер, откако исполнила над 90% од обврските од Планот за раст – и најави дека Европската комисија подготвува конкретен „патоказ“ со прецизни рокови и задачи за најнапредните кандидати.

Црногорските лидери покажаа целосна усогласеност: премиерот Милојко Спајиќ уверуваше дека властите се во „завршна фаза“ и веќе ги доставиле клучните преговарачки поглавја на одобрување со цел нивно затворање до крајот на годината, додека претседателот Јаков Милатовиќ ја потврди формулата „28-ма во ’28-ма“ – завршување на преговорите во 2026 година, потпишување на договорот за пристапување во 2027 година и стекнување членство во 2028 година.

Сепак, Фон дер Лајен предупреди дека процесот бара домашен политички консензус и надминување на тековната политичка нестабилност, притоа изразувајќи очекување дека билатералните прашања со соседна Хрватска ќе се решат во духот на добрососедските односи. Според неа, Црна Гора и Хрватска мора да најдат решение што е добро за двете страни, нагласувајќи дека билатералните спорови треба да се решаваат преку директни разговори. 

Погенерално, таа рече дека напредува работата на подготовката на црногорскиот  Договор за пристапување во ЕУ и дека следната недела ЕК ќе ги претстави своите прегледи на политиките за проширувањето, а со цел да осигураат дека  ЕУ е подготвена да пречека нови членки.

„Целта е на повидок. Нејзиното достигнување би испратило силен сигнал низ Западен Балкан дека реформите даваат резултати, а членството во ЕУ е на дофат. Црна Гора е предводник“, рече Лајен додавајќи дека може да се „добие многу“ и дека Црна Гора може да ги затвори сите преостанати преговарачки поглавја до крајот на годината.

И во двата главни града, пораката од Брисел беше јасна: проширувањето повторно е врвен геополитички приоритет, но темпото целосно зависи од принципот на поединечни заслуги. Во Приштина таа ја објаснуваше и разликата меѓу третманот и статусот на Канада и на Косово, порачувајќи дека договорите на ЕУ предвидуваат дека земјата што аплицира за членство во Европската унија мора да биде европска земја. Географски, Канада не е во Европа, па затоа Канада не може да аплицира за членство во Европската унија, додека со Косово, ситуацијата е поинаква.

„Како европска земја, можете да бидете членка на Европската Унија, а токму тоа е целта кон која се стремиме“, рече Лајен пред да нагласи дека институционалната стабилност е клучна за Косово.

„Таа е темел за сè друго.Реформи. Раст. И напредок на европскиот пат.Неодамна видовме дека дијалогот меѓу политичките партии е можен. И треба да се надоврзете на тоа“, порача Лајен.

Практично и во Подгорица и во Приштина Лајен даде конкретни најави и уште поконкретни очекувања и барања. Што може да побара и да понуди во Македонија денес – е нешто што во некој обем може да се предвиди.

Јасно е дека таа пред се ќе бара натамошен напредок во реформите, бидејќи колку и да се преставува премиерот Христијан Мицкоски како голем реформатор, од Брисел јасно ставаат кажуваат дека Македонија е фаворит бидејќи другите остварија помалку, а тоа е далеку помалку од предвидената Реформска агенда од која изостануваат и натаму клучните барања за реформи.

За разлика од претходната посета Лајен сега ќе може да не предупреди дека сме го изгубиле  моментумот со проширувањето и нема да добиеме патоказ како Црна Гора и Албанија, но и дека ни е на дофат толку бараната гаранција дека нема да има други вета во процесот, барем до крајот, бидејќи ЕУ покрена цел механизам за негово ограничување во иднина и како предлог тоа ќе се најде во стратегијата што ќе ја презентира Лајен на 6 октомври. 

Таа ќе ни понуди и можност да го фатиме чекорот со постепеното интегрирање што како нов концепт го нуди сега ЕУ, иако за овие предлози се уште на самит не се изјасниле земјите членки, но се премногу голем политички „залак“ за да така отпаднат од крајниот исход.

Не случајно е секако што синоќа премиерот ја објави фотографијата од приемот со претседателот на САД, Доналд Трамп (дали беше Трамп на фотографијата или негова фотографија, не е јасно) со порака за силното партнерство со САД – во време кога  ЕУ бара јасно позиционирање на земјите членки кон обидите на Вашингтон да ја подели Европа. За искусни дипломати од Брисел пораката е дека Мицкоски си прави нова отстапка, откако исчезна аргументот дека ЕУ нема да се проширува, па остана сега да игра на картата дека ЕУ се распаѓа и не е толку привлечна по Исланд.

Дека Лајен ќе го повтори и сега условот за уставни реформи не треба ни да се споменува. Бугарските медиуми со внимание ја следат посетата на претседателката на ЕК на регионот а јавните реакции таму се дека коските на Цар Самоил и требаа на новата влада на Румен Радев за да го покријат фактот дека ЕУ им ги урна замислените вета за Македонија. (С.Ј.)