ЕУ: Обезбедени средства за буџетските и одбранбените потреби на Украина во 2026 година
Брисел – Европската комисија и Украина соопштија синоќа дека ги обезбедиле средствата потребни за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина во 2026 година и се договорија за забрзување на издвојувањето пари за 2027 година.
„Со заеднички напори ги идентификувавме средствата за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година. Ги потврдивме и чекорите потребни за нивно навремено ослободување“, се наведува во заедничкото соопштение на Европската комисија и Украина.
Украина, додека ја продолжува војната со Русија, во голема мера се потпира на исплатите од заемот од Европската Унија вреден 90 милијарди евра, наменет за оваа и следната година.
Киев се соочува со проблеми во затворањето на финансискиот јаз од 27 милијарди долари за да може на почетокот на 2027 година да ги продолжи воените операции, изјави во средата украинскиот премиер Сергеј Корецки.
Во заедничкото соопштение на ЕУ и Украина се наведува и дека се обезбедени средства за покривање на расходите до крајот на оваа година со напомена дека за пристап до целокупните средства ќе биде потребно да се исполнат условите на ЕУ во врска со политичките реформи.
ЕУ и Украина, исто така, се согласија „брзо да продолжат“ со доделувањето на 45 милијарди евра од заемот на ЕУ за 2027 година, со исполнување на утврдените услови.