Албанскиот премиер до американските демократи: Не користете нѐ нас за одмазда против Трамп
Албанскиот премиер Еди Рама упати иронична забелешка до американските демократи во врска со тековните протести наречени „Револуција на фламингата“, насочени против планираното луксузно одморалиште зад кое стои Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп.
Она што започна како протест против проектот прерасна во пошироки антивладини протести и сега влегува во својот 124-ти ден по ред, привлекувајќи големо внимание од меѓународните медиуми.
Рама го припиша ова внимание на „долгата сенка на Доналд Трамп“ во интервју за весник „Велт“.
Тој додаде: „Им реков на моите пријатели демократи во Америка: Ако не можете да го победите Трамп во Америка, не доаѓајте во Албанија за да се одмаздите. Тоа не е фер“.
Кушнер е поврзан со проект вреден неколку милијарди долари за изградба на луксузно одморалиште на ненаселениот јужен албански остров Сазан и на соседниот крајбрежен појас, веднаш до заштитено подрачје населено со фламинга, пеликани и разновиден животински свет карактеристичен за мочуришните предели. Плановите предизвикаа протести на национално и меѓународно ниво кон крајот на мај, а секоја вечер се одржуваат собири пред канцеларијата на Рама во Тирана.
Рама изјави дека плановите опфаќаат два проекта: еден на островот Сазан, кој е во државна сопственост и порано служел како советска воена база (при што ќе се развиваат само 8% од површината), и друг на полуостров во приватна сопственост.
Демонстрантите се противат на проектот поради загриженост за животната средина и недостаток на јавни консултации. Во меѓувреме, Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (SPAK) – институција поддржана од ЕУ и САД – истражува дали еден албански бизнисмен фалсификувал документи за сопственост поврзани со приватното земјиште.
Осврнувајќи се на протестните пароли како „Албанија не е на продажба“ и „Албанија за Албанците“, Рама праша: „Ако внесувавте странски капитал во Германија, дали тогаш ќе речевте дека Германија се распродава?“
„Ги застапувам интересите на мојата земја и ќе продолжам да го правам тоа“, додаде тој.
Тој исто така изјави дека преговорите за проектот сè уште се во тек и дека ќе се врши проценка на неговото влијание врз животната средина.