Пентагон исклучува клучни сојузници од состанок на НАТО

САД преферира разговори во помал формат со земјите членки на НАТО, откако ги подели на „добри и лоши“. Македонија никаде ја нема


Администрацијата на Трамп исклучува неколку големи сојузници од собирот на членките на НАТО следниот месец – по претходните закани за воведување „список на добри и лоши“ (како оној на Дедо Мраз) за владите што не се усогласиле со приоритетите на претседателот.

Планираниот состанок во Полска, инициран од шефот за политика на Пентагон, Елбриџ Колби, всушност претставува работна група фокусирана на иднината на НАТО, според шестмина дипломати запознаени со планирањето. Сепак, многу од земјите што не добија покана – како Обединетото Кралство, Франција и балтичките земји – издвојуваат значителни средства за одбрана и играат клучни улоги во Алијансата, поради што нивните дипломати се прашуваат зошто се изоставени. Тие се прашуваат дали администрацијата фаворизира одредени земји на начин што би можел дополнително да ја подели Алијансата, која веќе се соочува со зголемена руска агресија и исцрпени залихи на оружје.

„Го правиме сето она што се бара од нас“, изјави претставник на една од исклучените сојузнички земји. „Се обидуваме да разбереме кои се критериумите и која е целта на овие состаноци. Сè уште не ни е соопштено многу.“

Белата куќа не одговори на барањето за коментар, а Пентагон одби да даде изјава.

Претседателот Доналд Трамп и неговите најблиски соработници постојано го критикуваат НАТО откако се вратија на власт, почнувајќи од одбивањето на членките да ја поддржат војната со Иран, па сè до неуспехот на некои земји да издвојат 5% од својот БДП за одбрана.

„Секогаш сметав дека НАТО – каде што трошиме стотици милијарди долари годишно за да ги штитиме токму овие земји – е еднонасочна улица: ние ќе ги штитиме нив, но тие нема да направат ништо за нас, особено во моменти на потреба“, остро изјави Трамп во објава на „Трут соушл“ (Truth Social) оваа година. Минатиот месец, тој му сврте грб на уште еден сојузник – Јужна Кореја – преку нагло намалување на обемот на планирана заедничка воена вежба, притоа жалејќи се на одбивањето на Сеул да се приклучи кон војната против Иран.

Во април, како што првпат објави „Политико“, Белата куќа изготви еден вид список на „пожелни и непожелни“ земји, додека бараше начини да ги казни сојузниците што не ги почитуваа желбите на Трамп. Министерот за одбрана Пит Хегсет ја поддржа таа визија. Тој ги охрабруваше „примерните сојузници“ и предупреди дека оние што не ги поддржуваат интересите на САД ќе сносат последици. Иако деталите за новата работна група на НАТО сè уште се нејасни, таа се надоврзува на заканата за наградување на едни на сметка на други.

Колби веќе одржал два слични состаноци со поканетите земји: Норвешка, Шведска, Финска, Полска, Германија и Холандија. Земјите вклучени во состанокот – познат како формат на „Групата од Берген“ – инсистираат на тоа дека целта не е да се наруши единството на алијансата, изјави дипломат од една од поканетите земји. Наместо тоа, групата има намера да изработи идеи што потоа ќе ги претстави пред целата алијанса за дополнителна проверка и тестирање на издржливоста.

„Ова може да биде двигател на трансформацијата“ за целата алијанса, рече дипломатот. Тој призна дека некои сојузници се фрустрирани поради исклучувањето, особено затоа што многу од нив ги достигнале или надминале целите за воени трошоци што ги бараше администрацијата на Трамп.

САД можеби ќе ја вклучат Данска во овој ексклузивен клуб, со оглед на договорот постигнат меѓу двете земји за проширување на американското воено присуство на Гренланд, според друго лице запознаено со планирањето.

Колби, кој беше иницијатор на овој потфат, го одржа првиот состанок од ваков вид во Берген, Норвешка, во јуни, кога ги покани шесте избрани сојузници. „Сојузниците од НАТО кои забрзано ги исполнуваат своите обврски за трошење средства, имаат капацитет да придонесат и се подготвени да преминат на конкретна работа“, напиша тој на социјалните мрежи по состанокот.

На конференција во Вашингтон овој месец, тој истакна дека „идејата е да се повлече напред целиот сојуз“, додавајќи дека тоа ќе резултира со „подобар, посилен и поиздржлив НАТО“ и ќе ѝ обезбеди на Европа поголеми воени капацитети.

Колби подолго време пројавува интерес за разговори во помал формат меѓу земјите-членки на НАТО. Во изминатите години, тој се фокусираше на зајакнување на Германија како воена сила за да се ограничи Русија, како и на ангажирање на американските трупи за справување со подемот на Кина.

Сепак, дури и поканетите сојузници се прашуваат зошто Колби и другите претставници од секторот за одбрана селективно ги избирале учесниците, изоставајќи некои од најголемите воени сили на континентот, како што е Велика Британија.

„Ако се обидат да го поделат НАТО на ’добри‘ и ’лоши‘, тоа е опасно за САД“, изјави еден од шестемина дипломати. „Но, за Европа, ова е прашање од егзистенцијално значење.“ (Политико)