Вадефул во Подгорица на разговори за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан


Подгорица– Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, денеска ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи во Црна Гора, посветен на планираното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Министрите се состануваат во Подгорица во рамки на „Берлинскиот процес“ што се спроведува од 2014 година. Учесниците работат на унапредување на регионалната соработка меѓу шесте земји опфатени со процесот.

Се очекува Вадефул, неговиот црногорски колега, Ервин Ибрахимовиќ и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по состанокот да ги информираат медиумите за резултатите.

Кандидатки за членство во ЕУ од Западен Балкан се Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Косово е потенцијален кандидат за членство. Сите шест земји имаат аспирации за членство во ЕУ, но се наоѓаат во различни фази од процесот.

ЕУ ги води пристапните преговори со Црна Гора и Србија од 2012, односно 2014 година. Преговорите со Албанија и Северна Македонија започнаа во 2022 година. Босна и Херцеговина има статус на кандидатка, но сè уште нема започнато преговори.

Според најновата анализа на Европската комисија, Црна Гора е најнапредната во процесот на пристапување во ЕУ. Неодамна беше оценето дека земјата би можела да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2026 година, доколку продолжи со досегашното темпо на реформи.

Во доцните попладневни часови Вадефул планира да се сретне со неговиот италијански колега Антонио Тајани во Рим. Двајцата министри треба да засадат дрво по повод 75-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Германија и Италија.

Вадефул и Тајани потоа се очекува да присуствуваат на прославите во италијанската престолнина по повод Денот на германското единство, што се одбележува в сабота.