Потпишани меморандуми за разбирање на индустриските паркови од Западен Балкан и ЕУ
Седум индустриски паркови и деловни зони од Западен Балкан денеска во Будва потпишаа меморандуми за разбирање со партнерски организации на Европската Унија, со што официјално се воспостави Партнерството на индустриски паркови на Западен Балкан и ЕУ. Партнерството, како иницијатива олесната од Советот за регионална соработка (RCC), е дел од регионалните економски резултати подготвени за претстојниот самит на Берлинскиот процес во 2026 година, објави Советот.
Иницијативата е дизајнирана да ги зајакне деловните врски на индустријата од регионот и ЕУ, да ја поддржи интеграцијата во европските вредносни синџири и да ја олесни размената на зелени практики меѓу индустриските паркови во регионот и ЕУ.
Церемонијата на потпишување на меморандумот, организирана од RCC и Стопанската комора на Црна Гора и со поддршка на Европската комисија, се одржа на маргините на Конференцијата за економија на Црна Гора 2026, во пресрет на состанокот на министрите за економија во рамките на Берлинскиот процес.
Иницијативата, исто така, придонесува за спроведување на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар за периодот 2025-2028 година.
Генералниот секретар на Советот за регионална трговија, Амер Капетановиќ, изјави дека „денес влегуваме во партнерство на индустриски паркови од Западен Балкан и Европската Унија со јасна цел – да ги доближиме нашите компании до европскиот индустриски сектор“.
Седумте меморандуми за разбирање се рамка за практична соработка во различни области, од деловни врски, развој на добавувачи и промоција на инвестиции до управување со индустриски паркови, иновации и развој на вештини. Соработката ќе биде насочена и кон постепено воведување на концептот на еко-индустриски паркови, вклучувајќи ефикасно користење на ресурсите, примена на добри практики за циркуларна економија, користење на почисти извори на енергија и развој на поодржлива индустриска инфраструктура.
Со оглед на тоа што речиси 70 проценти од стоките што се извезуваат од Западен Балкан се пласираат во ЕУ, целта на партнерството е да се искористат и надградат веќе силните економски врски, како и подиректно да се поврзат компаниите со потенцијални европски добавувачи, клиенти, инвеститори и технолошки партнери. Според RCC, иницијативата е замислена како практична и флексибилна долгорочна платформа, а не како еднократна размена на искуства.