Тргнати решетките од Македониумот во Крушево
Тргнати се решетките од галериите со витражните композиции на сликарот Борко Лазески на Македониумот во Крушево, уметничко-архитектонско ремек дело на тандемот Јордан и Искра Грабулоски кој се смета не само за еден од највпечатливите градби во Македонија, туку и за едно од најоригиналните архитектонски градби во светот, каде се наоѓа и гробот на револуционерот Никола Карев. Денес добивме потврда од Министерството за култура и туризам. Бруталноста со која Заводот и музејот од Прилеп сакаше да спречи понатамошно деградирање на споменикот, а при тоа со бор-машини да ја дупчи неговата структура, а да не зборуваме за перцепцијата дека симболот на борбата за слобода е ставен зад решетки, предизвика општ гнев во јавноста. Реагираше и Управата за заштита на културното наследство, која соопшти дека од неа не е побарана дозвола за превентивна заштита да се постават решетките и испрати инспектори на лице место во Крушево.

„Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум“, реагираше тогаш револтирано и Лира Грабул, наша врвна уметница и професорка по уметност, ќерка на Јордан и Искра Грабул, во чија сопственост се авторските права на ова уметничко дело.
Изграден 1974 година, архитектонското и историско богатство на надморска височина од 1.320 метри , во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност. Состојбата со години се влошува како резултат на надворешни атмосферски влијанија, протекување и влага. Последните зафати се извршени 2016 и 2017 година, а за интервентната заштита се издвоени 5,5 милионi денари (околу 90.000 евра).
Работите околу заштитата се изведуваа летово под стручен надзор на прилепскиот Завод и музеј и требаа да завршат пред празникот 2 Август-Илинден, а металната конструкција ќе биде поставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од споменикот. (Л.С.)