Како исчезна „заедничката историја“ со Бугарија?
Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев се пофали дека прв ги видел останките на цар Самоил за кои, како што вели, три години работел на враќањето
Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев тврди дека прв ги видел останките на цар Самоил за кои, како што вели, три години работел на враќањето, преговарајќи со двајца грчки премиери и со црковни поглавари.
– Преговарав со Вселенскиот патријарх. Преговарав со грчкиот патријарх. Преговарав со двајца грчки премиери. Бугарското Министерство за надворешни работи… Речиси сите се вклучија – раскажа Плевнелиев.
Плевнелиев за БТВ открива што Бугарија требало да даде за возврат за моштите за кои е најавено дека во сабота, 3 октомври, ќе ги добие Софија.
Науката уште не е сигурна дали моштите пронајдени на островот св. Ахил се автентични. Во трите години кога преговарал Плевнелиев, бугарската страна, центарот „Дујчев“ одбил да даде грчки артефакти од Првата светска војна во замена за моштите.
– Нашиот пристап беше поинаков. Освен самото постигнување договор, сакавме двајцата патријарси – патријархот на Грција и патријархот на Бугарија – да се сретнат на границата и да ги разменат овие неверојатни артефакти – објасни Плевнелиев велејќи дека така тригодишниот труд поминал залудно.
Сепак, епилогот деновоиве го потвора прашањето која е поентата од работата на Мешовитата комисија на Бугарија и Македонија за историјата, ако и тоа што е договорено не се почитува од страна на Софија. Имено, во официјалната препорака на Комисијата стои дека „цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“. Во истиот документ се наведува и дека „цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја“, која ја споделуваат двете современи држави – Република Северна Македонија и Република Бугарија. Бугарската држава сега не зборува за Самоил првенствено како за „симбол на заедничката историја“, туку официјално го претставува како „бугарскиот цар Самуил“ чии останки се „враќаат во неговата татковина“. Во истото официјално соопштение Самоил е именуван и како „големиот бугарски владетел“.
Јове кекеновски денес побара одговорност од Комисијата поради тоа што дозволила формулација која можела да произведе политички последици како овие.
-Со прифаќањето на определбата дека државата на Самоил „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство“, македонските членови на Комисијата се согласиле со формулација која денес Софија може многу лесно да ја претвори во едноставна политичка порака: „Самоил бил бугарски цар, па оттука и Бугарија е неговата татковина“. Според мое лично мислење ова е политичката интерпретација што денес ја произведува и пропагира официјална Софија, а не формулација на Комисијата во нејзината целина, оценува Кекеновски.
Проблемот, според него е во тоа што истиот договорен текст содржи и нешто друго: дека Самоил е „симбол на заедничката историја“ и дека центарот на неговата држава бил на територијата на денешна Република Северна Македонија и затоа денес мора да се праша: каде исчезна тој дел од договореното? И зошто договореното треба да важи само за Македонија.
-Во спротивно се создава очигледна асиметрија: кога од Македонија се бара компромис, цар Самоил е „заедничка историја“; кога Бугарија го претставува пред светот Самоил е „бугарски цар кој се враќа дома“, коментира Кекеновски.
Ова прашање станува уште посериозно ако се има предвид дека Бугарија одамна не ја третира работата на Заедничката комисија само како академско прашање. Во својата Рамковна позиција од 9 октомври 2019 година, бугарската влада изречно побара при одбележувањето на личности и настани за кои е постигната согласност, политичките фигури, државните институции во Северна Македонија и медиумите финансирани од државниот буџет своите официјални изјави да ги засноваат врз текстовите договорени во Комисијата. Во истиот документ се бара постигнатите договори да бидат одразени и во учебните програми, историските споменици, музеите, книгите, документарните изданија и филмовите финансирани од државата.
Тоа покажува, вели тој, дека Софија уште тогаш ѝ припишувала на Комисијата не само научна, туку и конкретна политичка и јавна функција. Оттука, сосема легитимно е прашањето дали македонските членови на Комисијата, при прифаќањето на толку чувствителни формулации, доволно ја земале предвид и нивната можна идна политичка употреба.
-Да резимирам. Комисијата не ги испрати останките во Софија. Но со формулацијата што ја прифати, остави простор Софија денес да го претставува нивното пренесување како дополнителна потврда на сопствениот национален историски наратив, пишува Кекеновски.