Пристапно предавање на новоизбраниот дописен член на МАНУ, Мирко Тодоровски


Фото: Б. Грданоски

Новоизбраниот дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, проф. д-р Мирко Тодоровски ќе одржи пристапно предавање на тема „Електроенергетски системи во ера на енергетска транзиција – очекувани предизвици“. 

Проф. д-р Мирко Тодоровски е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите на Изборното собрание на МАНУ, одржано на 7 ноември 2025 година.

Професионалната кариера на Тодоровски во последните 20 години се одвива на ФЕИТ.

Тодоровски, постигнал извонредни резултати во областа на електроенергетските мрежи, со посебен акцент на нивното моделирање и развој на соодветни методи за решавање на широк спектар на режими на работа на мрежите. Неговата научна и стручна работа е потврдена преку публикации во реномирани меѓународни списанија, активна соработка со соодветни електроенергетски компании и институции, како и преку раководење на бројни истражувачки и апликативни проекти.

Објавил 31 труд во најпрестижните научни списанија од областа на електроенергетиката со висок фактор на влијание, при што 16 се во списанија на IEEE. За објавените трудови добитник е на наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Раководел или учествувал во 15 научноистражувачки проекти финансирани од странски фондови и во 13 студии чии резултати имаат директна примена во компаниите од областа на електроенергетиката што е значителен придонес во јакнењето на интердисциплинарната соработка меѓу науката и индустријата. Три негови докторанди се веќе афирмирани истражувачи и професори на домашни универзитети.