Се урна руски стратешки бомбардер „Ту-95МС“. Загинаа шест члена на екипажот
Руски стратешки бомбардер-носач на ракети „Ту-95МС“ се урна за време на лет за обука во Амурската област, Сибир. Загинаа шест члена на екипажот, а уште еден припадник на војската е повреден и хоспитализиран, соопшти руското Министерство за одбрана.
Според агенцијата, авионот летал без муниција и се урнал во ненаселена област. Официјалната причина за несреќата сè уште не е утврдена. На местото на настанот работат спасувачки и истражни екипи.
Според весникот „Комерсант“, авионот се урнал две до три минути по полетувањето.
Каналот на Телеграм, „База“, известува дека моторите на авионот се запалиле за време на летот. Каналот исто така извести за можна експлозија на горивото. Оваа информација не е официјално потврдена.
Првично, неколку руски медиуми тврдеа дека во Амурската област се урнал воен транспортен авион „Ту-154“. Подоцна, Министерството за одбрана појасни дека во несреќата учествувал стратешки бомбардер „Ту-95МС“.
Според „База“, урнатиот авион ѝ припаѓал на авијациската група „Украинка“. Ова е една од најголемите бази на руската авијација со долг долет, лоцирана во областа Серјшевски во Амурскиот регион. Таа се наоѓа на приближно 50 километри од местото каде што се претпоставува дека се урнал авионот.
Во авиобазата се стационирани стратешки бомбардери „Ту-95МС“. Овие авиони руската војска ги користи за лансирање крстосувачки ракети кон украинска територија. Бомбардерите исто така имаат капацитет да носат нуклеарно оружје.