Сузбиена група поврзана со ИСИС, поднесени кривични пријави за тероризам и недозволена трговија со оружје
Пет лица се уапсени, а тројца осомничени добија кривични пријави откако полицијата разби организирана криминална група од Скопје поврзана со тероризам и недозволена трговија со оружје.
Акцијата ја спроведоа Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
При претреси на 12 локации во Скопје, извршени кај шест лица, биле пронајдени и одземени автоматски пушки, снајперска пушка, пиштоли, муниција од различен калибар, тактички елек, радио-врски, знаме на терористичката организација ИСИС, електронски уреди и поголема сума домашни и странски парични средства.
Според МВР, првоосомничениот К.И. (34) од Скопје од 2023 година дејствувал во рамки на злосторничка организација заснована врз идеологијата на ИСИС, со цел извршување кривични дела на територијата на државата. Тој, како што наведува полицијата, вршел индоктринација на млади лица, ширел пропаганден материјал со екстремистичка и радикална содржина и набавувал и ракувал со оружје.
Истрагата утврдила дека К.И., заедно со Б.А. (24) и Е.С. (30), формирале група која неовластено поседувала, посредувала и тргувала со огнено оружје и муниција.
Одделот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднесе кривична пријава против К.И. за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека против Б.А. и Е.С. е поднесена пријава за недозволена трговија со оружје.
Во текот на акцијата било откриено и неовластено користење електрична енергија, за што надлежните институции преземаат дополнителни мерки.
Попpeчена активност на криминално верско радикална групација
За акцијата се огласи и Агенцијата за национална безбедност, од каде велат дека во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 28.09.2026 година презеде мерки за сузбивање активности на издиференцирани безбедносно интересни лица кои се осомничени за сторено кривично дело по член „394-б“ од КЗ Тероризам и член „396“ од КЗ Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Во рамките на оперативната акцијата од слобода се лишени вкупно пет лица, притоа извршен е претрес на повеќе локации на подрачјето на Скопје, и тоа во с.Сингелиќ, Чаир и с.Брест, при што пронајдени и одземени се количества на нелегално оружје, пиштоли, автоматски пушки, муниција, тактички елеци и останата опрема, пропаганден материјал од меѓународната терористичката организација „Исламска држава“, компјутерски единици за „копање“ криптовалути, како и останата документација.
Станува збор за верско радикална групација надоврзана на транснационални криминални организации која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје, и останати криминогени активности. Исламско радикалниот елемент е одлика која е взаемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот.
Индоктринирањето на млади лица од страна на истакнатите членови на групата е модус операнди кој континуирано се применува. Верските објекти каде се практикува радикалниот ислам и онлајн радикализацијата претставуваат иницијални тригери за регрутација на младите, кои подоцна се интегрираат во дадени криминогени активности на групацијата.