Ѓорѓиевски повикува да ги засукаме ракавите: Утре почнува, а два пати месечно сите на чистење низ Скопје!


Од Генералка викенд, 8 мај 2026 (Фото: Б. Грданоски)
Голема акција за чистење најавува градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во која ќе учестуваат илјадници луѓе, а почнувајќи од утре 30 септември, ќе се одржува два пати месечно, за да се исчистат скопските улици, паркови, патеки, околу зградите, трговските, кејот, игралиштата и други површини…
 
Акцијата се спроведува според мотото: „Да оставиме пример, не ѓубре!“
 
– Утре, 30 септември, во 10:00 часот, ја започнуваме најмасовната еколошка акција за чистење на Скопје, со неколку илјади волонтери и со една заедничка цел – да покажеме колку можеме кога сме сплотени и кога љубовта кон својот град ја претвораме во дело!
Акцијата го опфаќа целото Скопје, во секоја скопска општина!
Заедничката грижа за градот ќе ја покажеме насекаде, затоа што секое маало заслужува чиста и уредена околина.
Ќе ни се приклучат сите општини, градоначалниците, амбасадите, ученици, јавни личности, спортисти и многу наши сограѓани.
Различни генерации, различни професии, но иста желба – да имаме почисто, поубаво и поздраво Скопје! – се вели во повикот лиферуван преку социјалните мрежи.
 
– Ве повикувам сите што го сакате овој град да бидете дел од акцијата.
Повикајте ги пријателите, соседите, колегите.
Да ги засукаме ракавите и заедно да се погрижиме за улиците по кои секојдневно поминуваме, за парковите во кои растат нашите деца и за маалата што ги нарекуваме свој дом – вели Ѓорѓиевски.
 
Тој смета дека секој од нас сака чиста околина, а утре ќе имаме можност со сопствен придонес да покажеме дека сме подготвени и да ја создаваме и да ја чуваме!
Фото: Б. Грданоски
 
 
 – Ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно!
Со редовно чистење, со сè поголемо учество и со заедничка посветеност, ќе ја претвориме оваа иницијатива во традиција на која Скопје ќе се гордее.
Да оставиме пример што ќе се следи.
Да создадеме навика што ќе трае и по завршувањето на секоја акција.
Да ги научиме најмладите на одговорност преку нашите постапки, а на секој што несовесно фрла отпад да му покажеме дека зад чисто Скопје стојат илјадници луѓе што се грижат, работат и нема да се откажат од својот град – вели скопскиот градоначалник, кој додава дека верува во скопјани и  во силата на личниот пример и солидарноста.
 
– Само сплотени можеме да ја подигнеме свеста и да направиме грижата за јавниот простор да стане наша секојдневна навика.  Утре, секоја рака е добредојдена и секој придонес е важен.
Нека оваа акција биде почеток на една убава промена што сите ќе ја гледаме, но и сите ќе ја чуваме! Да излеземе масовно за нашето Скопје!  Да оставиме пример, не ѓубре! – завршува Ѓорѓиевски со повикот. 
 
Насобрано ѓубре на 22 октомври 2026 година – три дена по локалните избори (Фото: Б. Грданоски)
Предизборно, ветуваше дека Скопје ќе го исчисти за 72 часа, а едвај успеа да ги испразни тогаш преттрупаните контејнери, го зами скопскиот плоштад, па „замириса на шампон“, се донесе правило домашниот отпад да не смее да се фрла по 11 часот навечер до 6 часот наутро и казни неколку несовесни граѓани, фирмите ги задолжи да се пријават за посебни контејнери, но ти слабо се оѕваа на повикот, од тогаш набави неколку камиони и друг алат за собирање на отпадот, со помош на Светска банка, најави нови контејнери (3.300) кон крајот на септември, кои на претпоследниот ден од месецов сѐ уште не ги промовирал, а главниот град уште е една голема депонија. 
 

Тоа го потврдува и денешното соопштение од ЈП „Комунална хигиена“, во кое се вели дека 

во текот на изминатата седмица (21-27 септември) екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје отстраниле 915 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Најголемо количество отпад од диви депонии е подигнат во општината Центар, каде што се расчистени вкупно 185 кубни метри непрописно одложен отпад. Седмица претходно (14-20 септември) ЈП „Комунална хигиена“-Скопје отстраниле 650 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Што значи, количината ѓубре само се зголемува. 

Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје минатата недела изготви 15 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.(Б.Б.)