Мицкоски контра „Политико“: Нема информација дека Македонија ќе остане без патоказ за ЕУ

Премиерот ги оцени пишувањата на „Политико“ како нелогични бидејќи Македонија во два извештајни периоди добива највисоки оценки за реформите


 

Премиерот Христијан Мицкоски, пред посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен в петок, порача дека тој нема информации дека Македонија нема да добие патоказ за пристапување кон ЕУ, упатувајќи ги новинарите за тоа да го прашаат „Политико“. Иако не кажа точно какви се неговите информации тој тврдеше дека пишувањата на медиумот се нелогични кога Македонија како земја во два извештајни периоди добива највисоки оценки за реформите. 

 „Ако е тоа точно треба да ја прашате ЕУ зошто е тоа така. Таа информација ја објави медиум. Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и Планот за раст веќе во два извештајни периоди, и дако пристапувањето во ЕУ е процес во кој  се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е. Моите информации велат дека не е така“, рече Мицкоски.

Притоа тој најави дека на средбата со Лајен ќе разговара и за актуелната состојба околу проширувањето на ЕУ  и предизвиците што следат, давајќи потоа контекст на политиката што ја води и во кој ги спомена изборите во Германија и во Франција во кои се очекува да победат екстремистички политички партии, отфрлениот референдум во Исланд и војните во Украина и Иран. 

„Ова е некаков индикатор врз основа на кој треба да ги градиме политиките“, порача Мицкоски тврдејќи дека како Влада имале јасна стратегија, јасен план и јасна цел. 

„Кога правите план каква политика да водите треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство. Тоа е ЕУ. Имаме неуспешен референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, имаме три изборни циклуси во Германија, во покраини, кадешто гледаме дека, би рекол, екстремни политички структури победуваат, односно структури коишто не се мејнстрим. Сите тие се антимигрантски и против проширувањето на ЕУ. На пролет имаме претседателски избори во Франција. Според последните мерења, таму е фаворит Марин ле Пен и бројките велат дека ќе биде новиот претседател на Франција, барем како што денес стојат работите. Така што ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи. Ние нашата домашна задача ќе ја работиме, другото не е на нас“, порача Мицкоски.

Инаку, во вчерашното интервју  на Алфа тој порача дека во односите со европските партнери мора да се гледа рационално и без емоции, посочувајќи дека условите со коишто денес се соочува Македонија биле прифатени од претходната Влада.

„Да бидеме реални, настрана чувствата и емоциите — ова е сепак сериозен свет и таму треба да се остават емоциите настрана и да видиме што вели разумот. Не можам да се согласам кога велиме нелогични барања, бидејќи некоја претходна македонска влада тие таканаречени нелогични барања ги прифатила, ставила потпис на договор. И истата таа што ги прифатила, денеска излегува во јавноста и кажува лаги и конструкции, обвинувајќи ја денешната Влада — не знам, вели, ќе сме го враќале името, презимето, ќе сме правеле не знам што, не знам како. А не гледа дека истата таа политичка партија не само што ја ограби Македонија, не само што ја понижи, туку целосно го забетонира овој процес којшто ние сега од петни жили се обидуваме некако да го откочиме. Верувајте, тоа не е едноставен процес. Затоа што од другата страна, условно кажано, имаме противник што е многу поголем, помоќен и е внатре. И има договор којшто македонската влада го прифатила. И кога ги молевме додека бевме во опозиција, не нѐ послушаа“, вели Мицкоски.

„Ние мораме да се бориме. Тоа што е погрешено, чекор по чекор да го враќаме. Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два со тоа што ќе поврати дел од тоа што претходната генерација го заборавила, односно го продала. По нас, тие што ќе дојдат треба да се борат за следните два чекори — ова е процес којшто ќе трае. Не треба ниту ние, ниту граѓаните да ги обвинуваат луѓето од Брисел. Тие се трудат, сакаат, знаат дека ни е нанесена неправда, сочувствуваат со нас итн., но сè завршува со реченицата: Вие си прифативте, некоја ваша влада ставила потпис на тоа“, додаде Мицкоски.