Промоција на „Качувачки водич Матка – Отмарова карпа“ во Скопје


Македонската алпинистичка федерација вечерва во МКЦ – Скопје ќе ја промовира книгата „Качувачки водич Матка – Отмарова карпа“ од алпинистот Радован Џепароски.

Станува збор за прво издание од ваков тип посветено конкретно на Отмаровата карпа на Матка, еден од значајните локалитети за алпинизам и качување во Македонија.

Водичот е резултат на долгогодишно качување, истражување и документирање на локалитетот. Во него се опфатени и детално опишани качувачките насоки на Отмаровата карпа, со рачно изработени скици и белешки. Целта е на едно место да се соберат и зачуваат информации кои ќе им бидат корисни на сегашните и идните генерации качувачи.

Авторот Радован Џепароски вели дека е особено горд што ја објавува својата прва книга, која, како што посочува, е плод на долгогодишна посветеност на качувањето, истражувањето и документирањето на Матка.

На промоцијата ќе биде достапна и лимитирана прва едиција од книгата.