„Човекот со четири часовници“ – нова збирка раскази на Александар Прокопиев
Матица македонска“ објави ново издание на „Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев – збирка раскази во која, како што соопшти – духовитоста, личното сеќавање и љубопитноста кон светот создаваат особено читателско задоволство.
Збирката, која првпат е објавена во 2003 година, ги приближува расказот, есеистичката мисла и хаикуто. „Матица“ посочува дека „промените на тонот, културните асоцијации и самоиронијата ја одржуваат живоста на читањето“.

-Книгата повторно е пред публиката со својот препознатлив предизвик: колку различни времиња може да живее еден човек? Четири часовници што покажуваат различно време се блескава појдовна точка за раскажувачката игра на Прокопиев. Од секојдневен предмет се отвораат прашања за навиките, припадноста и начинот на кој го доживуваме животот. Зад досетката има мисла, зад иронијата – чувствителност. Семејните спомени, градските средби и патувањата се поврзуваат во мозаик на лично и културно искуство. Посебно место има Скопје: град што се живее, се помни и се препознава и преку книгите. Од „Го сакам (старо) Скопје“ до „My private Europe“, Прокопиев ја испишува својата географија на блискоста и откривањето. Неговото патување е и уметност на забележувањето – на она што лесно би го одминале кога би гледале само право пред себе, наведува издавачката куќа.
Александар Прокопиев е лауреат на меѓународната награда „Балканика“ за „Човечулец“, а неговото творештво е преведено на повеќе јазици и застапено во странски антологии.
-Со новото издание, „Матица македонска“ ја обновува средбата со книга што заслужува да биде и откривана и препрочитувана. Изданието е достапно во нејзините книжарници – за прво запознавање со Прокопиев или за враќање кон неговата проза. „Човекот со четири часовници“ нуди доволно причини да се заборави на часовникот, соопшти издавачот.