Министерството за одбрана повеќе не е најтранспарентно, од општините предничат Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип
Рангирањето се спроведува секоја година од 2016 година наваму. Опфатени се 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини според проактивното објавување информации од јавен карактер.
Индексот ги покажува следниве клучни аспекти:
- Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2026 година изнесува 82 % (од максимално можни 100 %), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесуваше 80 %.
- Активната транспарентност само на министерствата и на Владата изнесува 86 % што е подобрување за два процентни поена во однос на ланските 84 %. Со ова, Владата и министерствата се вратија на нивото на активна транспарентност од 2023 и 2024 година.

- И општините го подобрија нивото на активна транспарентност во однос на лани за два процентни поена и сега имаат 81 %, наместо ланските 79 %.

- Дури 41 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година.
- По пет години водство, Министерството за одбрана веќе не е првата позиција, на која годинава се искачи Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое е единствено министерство со максимални 100 % активна транспарентност.
- Кај општините, четири општини се на водечкото место со 100 % активна транспарентност: Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип, додека ниедна од општините што лани беа лидери не ја задржа својата позиција.
- Меѓу регионите, четврта година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион со дури подобрена активна транспарентност од лани (91 % наспроти 88 % лани).

- На последно место, со најниска активна транспарентност од сите рангирани институции, и годинава се наоѓа Општина Лозово (со 36,9 % од можни 100 %).
- Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 71 %, а општините 64 % од можни 100 %).

- Во однос на одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање, 32 % го доставија одговорот по истекот на законскиот рок или воопшто не одговорија на барањето.
Целото истражување, освен во прилог на оваа порака, можете да го најдете на следниот линк.
