Општините немаат обврска да имаат инспектори, покажува нова анализа на ИСППИ
Ова се само дел од наодите на новата анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор, изработена од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во рамки на проектот „Локалните инспектори под лупа” што го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во партнерство со ИСППИ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Иако законската рамка дава генерални стандарди за функционирање на инспекциите, „Анализа на правната рамка за локален инспекциски надзор“ покажува дека постоечките системски недоследности, терминолошки неусогласености и кадровски дефицити во општините сериозно ја загрозуваат ефикасноста на локалниот инспекциски надзор на терен.
Клучни наоди од анализата:
● Системот на лиценцирање на инспекторите е укинат со новиот Закон за инспекциски надзор (2025). Денес инспектор се станува само со потврда за положен испит, без разлика на видот и сложеноста на работата што ќе ја вршат.
● Статусот на инспекторите истовремено е уреден со три различни закони (за административни службеници, за работните односи и за инспекциски надзор), што создава правна несигурност.
● Новоформираниот Колегиум на директори на државни инспекторати отвора простор за координација меѓу инспекциските служби, но начинот на соработка со локалните инспектори сè уште не е конкретно нормативно уреден.