Мицкоски вели дека досегашните средби со бугарските политичари биле „про форма“
Европската унија треба да се вклучи во процесот меѓу Македонија и Бугарија за да ги слушне двете страни затоа што досегашните средби биле „колку да се случат“. Колоквијално кажано „про форма“. Во интервју за МТВ тој нагласи дека досегашните средби не донеле суштински резултат. И на претседателката на државата и на министерот за надворешни работи.
„И кога ќе завршат тие средби брифирање од состаноците, секогаш со сосема различна вистина од тоа којашто е разговарано на на состанокот. Нашата идеја кога велиме да се вклучи и Европската унија е со цел да ги слушнат и нашите аргументи и аргументите на на другата страна. Јас знам која е загриженоста од страна на официјална Софија. Тие велат: ‘Ако ние седнеме во присуство на трет партнер, тоа значи дека навистина имаме билатерален спор’. И навистина ние имаме билатерален спор. Ние можеме да измислуваме, да се правиме дека немаме. Ние треба да водиме дијалог и токму поради тоа ни се потребни претставници на мултилатерални организации, во случајов Европската унија, за да ги слушнат аргументите“, нагласи Мицкоски.
Во текот на работата на Историската комисија имаше предлози од македонска страна да се вклучат експерти од странство како некаков вид олеснители за да се подобри динамиката на работата. Сите предлози ги одби бугарската страна.
Тој истакна дека позицијата на Владата е дека не може да влезе во авантура без да го знае крајот на евроинтегративниот пат.
„Нашата позиција е ние не можеме да влеземе во каква било авантура без да знаеме дека крајот е на дофат и дека јасно го гледаме крајот. Не би сакале да влеземе во процес којшто континуирано потоа ќе ни се поместува. Утре да ги отвориме преговорите, секое поглавје, секој кластер ќе треба потоа да се гласа во националните парламенти кога се затвора на земјите членки на Европската унија. Тоа е најмалку 80 пати можност ние повторно да добиеме нови барања. Како тоа ќе изгледа? Ќе излезе некоја порадикална структура во парламентот на нашиот источен сосед и потоа овие помeјнстрим политичарите ќе речат: ‘Знаете, мораме сега поради домашни проблеми повторно да ги блокираме, знаете руско влијание, вакво влијание, ние се бориме против тоа руско влијание, знаете вие сте лошите Русјаци, ние сме добрите бриселци’ и отприлика така сето тоа ќе изгледа. Јас во тој процес нема да влезам“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека владата ја користи секоја можност пред стратешките партнери, меѓу кои и САД, да ги презентира аргументите и позициите на Македонија во однос на интеграцијата во Европската унија.