Мицкоски оцени дека Платформата за СДСМ го потценила народот и ја испуштила шансата

На премиерот не му се допаѓа што луѓето од Платформата рекле дека граѓаните гласале за ВМРО-ДПМНЕ затоа што немало за кого


 

Премиерот Христијан Мицкоски даде лоши оценки за платформата за промени во СДСМ, велејќи дека таа го потценила народот затоа што тврдат дека граѓаните гласале за ВМРО-ДПМНЕ затоа што немале друг избор. Користејќи ја својата омилена фраза тој во интервју за МТВ од Њујорк тој рече дека луѓето кои заговараат смена на Венко Филипче од челото на СДСМ ја пропуштила првата шанса да направат позитивен впечаток.

„Прво ќе го искоментирам почетокот, дека нема алтернатива. Јас жалам што дури и оваа алтернатива, којашто се претставува дека е алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед. И таа вели: ‘Вие, бидејќи немате избор, затоа сте за Мицкоски, за ВМРО’. Тоа само по себе претставува оксиморон во целава ситуација. Но, тоа е нивен проблем“, рече Мицкоски.

А потоа зборуваше за првиот впечаток.

„И во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток. Ако ова е првиот впечаток од оваа група којашто се нуди како алтернатива на моменталното раководство на СДСМ, тогаш жалам, но мислам дека ја испуштија првата шанса, посебно со ова што го кажав. Од првиот чекор тие го навредуваат и го потценуваат народот“, рече премиерот.

Во однос на актуелното раководство на СДСМ, Мицкоски рече дека тоа се внатрешни работи на партијата и оти не сака да се меша, но нагласи дека на Македонија ѝ е потребна силна опозиција за да има политичка дебата со Владата, а во моментот такво нешто нема.

Осврнувајќи се на Левица, Мицкоски оцени дека и оваа партија е опозиција, но оти во периодот кога имала можност да покаже свои перформанси преку две институции во Град Скопје, оставила блед или никаков впечаток.

„Сфаќате дека тие не можат да бидат алтернатива, дека таму има една група од десетина, 15, 20 луѓе, задоволни се од годишното финансирање, три-четири пати одат на море до нашиот јужен сосед, таму ќе ги забележите на тие плажи и по бутиците во еден од градовите кај нашиот јужен сосед како купуваат семејно. И тоа е отприлика максимумот од таа група на луѓе којашто можете да го очекувате“, оцени премиерот.

А потоа оцени дека СДСМ измислувал скандали.

„И конечно, го имате раководството на СДСМ, коешто на дневна основа си седи, си смислува приказни, си излегува на прес-конференции, ги брендира како скандали големи, мали, средни, им дава одредена рихтеража коишто само тие ги знаат и никој друг не ги знае, не ги препознава. Таков е сега опозициски опус во Македонија“.