Реформите се потребни за вас, а не за ЕУ, порача известувачот Томас Вајц
Мислам дека напредокот ви е потребен вам, на вашата земја, за да се движите понатаму и да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите во Европската унија еден ден или не, порача денеска австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“, организиран од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент, во соработка со Собранието на Северна Македонија.
Вајц истакна дека напредокот на земјата не треба да се гледа исклучиво низ призмата на нејзиното членство во Европската унија, туку пред сè како процес што треба да обезбеди модерно и демократско општество, како и подобри услови за живот на граѓаните. Во спротивно, рече, граѓаните ќе го бараат подобриот живот на друго место.
„Дали напредокот ни е потребен нам во Европската унија? Не, мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската унија еден ден или не. Ако не успеете да го понудите тоа на граѓаните, тогаш граѓаните ќе го бараат тој подобар живот на друго место, а тоа ни прави голем проблем. Ако ние не ги адресираме проблемите и не зборуваме за пречките, за тешкотиите со кои се соочуваме, за негативните страни и за сè тоа што се случува во Македонија, проблемите нема да исчезнат“, посочи Вајц.
Како важни теми за кои, според него, треба отворено да се разговара ги посочи животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството. Се осврна и на владеењето на правото, оценувајќи го како еден од темелите на функционирањето на државата, како и на демократските процеси и учеството на граѓаните.
Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека полноправното членство во ЕУ е јасна стратешка определба на Македонија, која треба да биде натпартиска и долгорочна, но оти европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите.
Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш, пак, зборувајќи за потребата од поголемо учество на граѓаните во политичките процеси, го истакна значењето на неговото новинарско и синдикално искуство. Ондруш ја истакна промената на слоганот на Делегацијата на ЕУ во земјава од „ЕУ за вас“ во „ЕУ со вас“, оценувајќи ја како важен симбол за начинот на кој треба да се води политиката.
Според него, корпорациите имаат значајно влијание врз политиката и оцени дека е потребно нивните интереси да бидат балансирани со интересите на јавноста.
Граѓанскиот форум „Република Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ се одржува од 25 до 27 септември во Скопје, со директен дијалог меѓу граѓаните и носителите на одлуки, а предвидено е учесниците да усвојат финални препораки преку гласање.