Крива Паланка е најотворена општина: мЗаедница е важна алатка


Отвореноста и транспарентноста на локалната власт се важен предуслов за одговорно
управување, доверба во институциите и создавање услови за активно учество на граѓаните во
процесите на носење одлуки. Достапноста на информациите за работата на општините,
проактивното објавување податоци и воспоставувањето функционални механизми за
консултирање и вклучување на граѓаните се клучни елементи на отворена и отчетна локална
самоуправа.

Ова беше една од главните пораки на тематскиот форум „Од отворена општина до активна
заедница: Индексот на отвореност 2026 и граѓанското учество на локално ниво“, кој се одржа
на 25 септември во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје.

Форумот беше организиран од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, Рурална
Коалиција и Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“, во рамки на проектот „Дигитална
трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција“, со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Дарко Димов од Цивика мобилитас во своето поздравно обраќање се осврна на улогата на
програмата Цивика мобилитас во поддршка на силен граѓански сектор, активни граѓани и
добра соработка со властите. Тој го посочи ДИГИЛОК како пример за ваквиот партнерски
пристап, во кој три граѓански организации соработуваат со локалните власти и граѓаните, кои
пак активно се вклучуваат во процесите на локално ниво. Според Димов, токму ваквото
поврзување на граѓанскиот сектор, институциите и граѓаните ја отсликува визијата на Цивика
мобилитас за поттикнување општествени промени и создавање услови за поотворено, отчетно
и инклузивно управување.

Програмска директорка во Фондација Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска, во
своето воведно излагање потенцираше дека отвореноста не значи само исполнување на
законските обврски или објавување информации на веб-страниците на општините, туку
создавање услови граѓаните навреме да бидат информирани и да можат да прашаат, да
учествуваат, да влијаат и да побараат отчетност. Отворена општина е општина во која
граѓанинот навреме е запознаен, но може и да праша, да учествува, да влијае и да побара
отчетност.

Токму во таа насока, на форумот беа презентирани резултатите од Индексот на отвореност на
единиците на локалната самоуправа за 2026 година, кој покажува дека просечната отвореност
на 81 единица на локалната самоуправа изнесува 39%.

Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, ги презентираше резултатите
од годинашното мерење, при што се осврна на состојбата со отвореноста на локално ниво,
разликите меѓу општините и областите во кои има простор за подобрување.

Во 2026 година, наодите од Индексот на отвореност покажуваат дека најотворена единица на
локалната самоуправа повторно е Крива Паланка со 73%, по која следуваат Берово со 69%,
Демир Хисар со 68%, Битола, Делчево и Кочани со 67%, Велес со 65%, Карпош со 64%, Гази
Баба со 61%, како и Кавадарци, Кичево и Гевгелија со 58%.

Од друга страна пак, најдолу на ранг-листата се Студеничани и Лозово со 8%, а со малку
подобри резултати од нив се Боговиње со 11%, Сопиште со 13%, Врапчиште со 14%, Чучер
Сандево со 16%, Чаир со18% и Шуто Оризари со 19%. Разликата од 65 процентни поени помеѓу
најдобро и најслабо рангираните општини укажува на изразени нееднаквости во примената на принципите на добро владеење на локално ниво.

И во 2026 година единиците на локалната самоуправа имаат највисока просечна оценка во
областа транспарентност или 47,8%, иако таа е намалена во однос на 2025 година кога била
49%. Следува интегритетот со 40,1%, што претставува мало подобрување, додека пристапноста
изнесува 33,6% и бележи благо влошување во однос на 2025 година кога била 34%. Најниска
просечна оценка и понатаму има областа свесност и тоа 26%, иако е забележано минимално
подобрување во однос на претходното мерење од 24%. Овие резултати покажуваат дека
локалните самоуправи во 2026 година не успеале да воспостават силен тренд на раст.

Лилјана Јоноски се осврна и на менторската поддршка која во рамките на проектот беше
обезбедена за 10 општини, со цел унапредување на нивната отвореност и транспарентност,
како и за искуствата од работата со општините и значењето на практичната поддршка за
претворање на препораките и наодите од мерењето во конкретни чекори. Таа истакна дека
преку менторската поддршка е постигнат значаен напредок, при што особено значење има
вклучувањето на сите засегнати страни и заедничката работа кон подобрување на условите и
квалитетот на живот во локалните заедници.

Сања Станковска од Општина Крива Паланка, која и оваа година е општина со највисок
резултат на Индексот, сподели искуства за практиките што придонесуваат кон поголема
отвореност и транспарентност на локалната самоуправа. Станковска истакна дека
комуникацијата со граѓаните е најважна за една одговорна и отчетна општина. Таа посочи дека општина Крива Паланка ќе остане доследна на определбата да биде отворена и достапна за своите граѓани и да ги вклучува во сите процеси од самиот почеток, бидејќи, како што нагласи, општината не треба сама да ги носи одлуките, туку да ги носи заедно со и за граѓаните.

Своето искуство го сподели и Ѓорѓи Пеовски, претставник на Општина Берово, која со резултат од 69% е втора најотворена општина во овогодишното мерење. Тој потенцираше дека целта на општината не е само да постигне највисок резултат, туку граѓаните реално да ги почувствуваат придобивките од отвореното и одговорно работење во нивниот секојдневен живот и општината да не ја доживуваат само како администрација. Пеовски посочи дека преку учеството во проектот ДИГИЛОК општината добила дополнителни знаења за тоа каде и како може да го подобри своето работење, нагласувајќи дека посветеноста на сите вклучени страни е од клучно значење за постигнување резултати.

Посебен дел од форумот беше посветен и на улогата на дигиталните алатки во унапредувањето на комуникацијата меѓу општините и граѓаните, со посебен фокус на
платформата мЗаедница.

Милан Танчески, извршен директор на Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, ги
претстави досегашните резултати од примената на платформата, интересот и приклучувањето на општините, како и можностите за користење на мЗаедница за дигитални јавни консултации и поефикасна комуникација меѓу општините и граѓаните. Танчески истакна дека преку дигиталните алатки граѓаните добиваат дополнителни можности не само да пристапат до информации, туку и да комуницираат со локалната самоуправа, да споделуваат предлози и да се вклучат во прашања од значење за нивната заедница. Тој посочи дека мЗаедница
овозможува организирање анкети од различни области и статистичка обработка на добиените
податоци, а платформата е достапна бесплатно за општините.

Тематскиот форум понуди простор за размена на искуства и предизвици меѓу претставниците
на локалната самоуправа, граѓанските организации и граѓаните за состојбата со отвореноста на локално ниво и можностите за нејзино понатамошно унапредување.

Форумот уште еднаш ја отвори темата за тоа дека отвореноста на локалната самоуправа не е
цел сама по себе, туку основа за посуштинско учество на граѓаните, подобра комуникација со
институциите и создавање локални заедници во кои граѓаните имаат повеќе можности да
бидат информирани, консултирани и вклучени, сè со цел подобрување на квалитетот на
животот на граѓаните во локалната заедница.