Софија со непроменет став: Обврските треба да се исполнат
Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Македонија, но напредокот на земјата кон Европската унија зависи од исполнувањето на преземените обврски и од почитувањето на добрососедските односи, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Овој став следи по изјавата на македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, од Њујорк изјави дека е потребно и претставник на ЕУ или од земјите членки да учествува во идните разговори меѓу Македонија и Бугарија.
Во овој момент нема речиси никакви контакти меѓу Скопје и Софија.
Во соопштението на бугарското МНР се наведува дека процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ е европско прашање што треба да се решава во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури. Бугарија, како што се посочува, ја поддржува работата на Европската комисија со земјите кандидати за членство, а постигнатите резултати се оценуваат во рамките на Европскиот совет.
Добрососедските односи, според Софија, се суштински дел од пристапувањето кон ЕУ и неопходен услов за напредок кон членството.
„Бугарија отсекогаш била и останува отворена за конструктивен дијалог со Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се додава дека голем број земји кандидати бележат значителен напредок во исполнувањето на своите обврски, и покрај сложеното безбедносно опкружување.
Муцунски изјави дека само накратко се сретнал со неговата бугарска колешка Велислава Петрова на некои настани, но дека тоа било само куртоазно.