Филипче им кажал на француските сенатори дека Македонија е заглавена кон ЕУ


 

Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната средба со делегацијата на Сенатот на Франција во Собранието, порача дека СДСМ ќе поддржи подобрување на условите во преговорите со Европската унија, но го отвори прашањето што доколку Владата не ги обезбеди. Филипче укажа дека, времето поминува, Македонија стои во место, додека земјите од регионот напредуваат со евроинтегративниот процес.

„Ако оваа Влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранција дека во иднина нема да бидеме повторно блокирани на евроинтегративниот пат, ние тоа ќе го поддржиме. Но се поставува прашањето што доколку нема и не се обезбедат гаранции, и до кога ќе се обидуваат да се обезбедат некакви гаранции, затоа што времето поминува“, рече Филипче.

На средбата, Филипче изразил сомнеж дека Владата воопшто има вистинска европска ориентација и волја да го продолжи процесот.

„Се постава опрашањето до кога оваа Влада ќе се обидува, ако воопшто се обидува, имајќи предвид од овие работи кои што ги кажав. Лично имам сомнеж дека воопшто има европски тенденции, желба да се продолжи евроинтегративниот пат. Загрижен за евроинтегративниот пат на земјата и за перформансот кој што оваа Влада го има во изминатиот период во неколку сфери“, рече Филипче.

Во обраќањето, претседателот на СДСМ предупреди дека земјата веќе не е меѓу државите за кои е најавен јасен пат кон следните чекори и членството во Европската Унија.

„Во најавата на претседателката Урсула фон дер Лајен за четири земји веќе е изгледен патот кои се следните чекори и членството, заклучно со крајот на овој мандат на Европската комисија, тоа се од регионот Црна Гора и Албанија, понатаму Молдавија и Украина, нас нè нема. Прашање е дали ќе влеземе во буџетирањето од Европската унија. Една од работите која што веројатно она ќе ги дискутира е дека нема да има веќе ниту ИПА механизам, значи нема да има пререзервирани средства, што е ризик за нас“, рече Филипче.

Тој посочил дека особено загрижува состојбата со владеењето на правото, особено во однос на јавно мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на премиерот.

Филипче посочил дека премиерот ги напаѓа одредени судии и обвинители, што е недозволиво. А со недоволниот буџет за правосудството не може да има независно судство.

Тој имал сериозни забелешки за медиумскиот плурализам, за кои Европската комисија веќе нотираше притисоци и проблеми.

„Во нашата земја, околу 40 отсто од медиумите се во сопственост на луѓе близки на поранешниот премиер Виктор Орбан, премиерот на Унгарија. Телевизиска станица, портали… Меѓутоа во изминатиот период сме сведоци дека голем притисок и влез на српски медиуми во земјата и тоа на многу незаконски начин, затоа што постојат канали кои што доаѓаат преку српскиот Телеком и кои што имаат незаконски добиена лиценца од страна на независниот регулатор“, рече Филипче.