Вајц: И во Австрија има корупција, но многу богати луѓе лежат во затвор

Сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто се однесуваше на борбата против корупцијата


Томас Вајц во македонското Собрание

 

Сите земји-членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји-членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор – изјави денеска европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто се однесуваше на борбата против корупцијата.

„Имавме огромен скандал со недвижности. Одговорниот беше господин Бенко. Многу луѓе сметаа дека тој е просто пребогат за да оди на суд. И довербата во системот можеше да се измери на денот кога го уапсија и отиде во притвор. Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, ќе биде приведен за тешко дело. Апелирам дека не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување. Се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат“,нагласи Вајц.

Тој рече дека една од најголемите пречки во економскиот и воопшто општествениот развој е ако младите си заминуваат.

„Како Австриец ќе кажам: ‘Што убаво, елате кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе!’ Но знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции“, рече Вајц. 

Во поглед на Реформската агенда, Вајц посочи дека треба да се доработат измените на Кривичниот законик, со цел ЕУ да може да обезбеди средства поврзани со тоа. 

„Во планот за раст, дел од концептот е — ако една држава не ги изведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. ​Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Ама не е во парите работата. Треба да им служите на граѓаните со Кривичен законик што создава не само ефикасен правосуден систем, туку и влева доверба кај населението. На крајот на краиштата, во државите и општествата клучно е дали граѓаните имаат доверба во системот“, потенцира Вајц. 

Евроамбасадорот Михалис Рокас го поздрави фактот дека Северна Македонија одржува целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика, вклучително и руската воена агресија против Украина, и е активен НАТО член. 

„Има напредок на Реформската агенда и планот за раст и Северна Македонија е меѓу најдобрите. Наша политичка цел останува да се отворат преговорите за Кластерот Темели, штом се исполнат критериумите усвоени од Советот. И знаете дека тоа значи прво и пред сè дополнување на Бугарите во Уставот. И потребна е поддршката на Собранието во тој поглед“, рече Рокас.

Ирскиот амбасадор Брендан Вард, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, рече дека ​Советот на ЕУ го гледа проширувањето како витална геостратешка инвестиција.

Тој го поздрави фактот што за Владата интеграцијата во ЕУ останува стратешка цел. Според него, освен уставните измени, ќе треба да се забрза и спроведувањето на клучни реформи поврзани со ЕУ, како и да се задржи еланот во клучни области, како што е владеење на правото.

„Ќе завршам со тоа што ќе повторам дека со нетрпение очекуваме Северна Македонија да ги преземе дејствата што ќе овозможат понатамошен напредок во пристапувањето. Ги поттикнуваме сите партии во парламентот да работат на меѓупартиски консензус за да има заеднички фокус и да се преземат конкретните чекори потребни за напредок во процесот на пристапување“, рече Вард.