Светска екслузива што ќе се памети: Оскаровецот Воли Фистер со гитара во рацете испиша историја на „Браќа Манаки“!
Светот ќе зборува за ова, Битола беше центарот каде што филмската уметност се судри со чистиот рок. Битола денеска сведочеше на историски момент каков што светот досега нема видено, а му се случи токму на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Учесниците и гостите на 47. издание на фестивалот беа сведоци на вистински медиумски бум – американскиот визуелен генијалец, Воли Фистер, излезе од зад објективот и ги замени рефлекторите со жици!
Човекот кој ги потпиша култните кадри на Inception, The Dark Knight и Memento, годинава во Битола ја има улогата на претседател на жирито за „Камера 300“, но денес се појави во издание кое ги воодушеви сите. Лауреатот кој минатата година ја прими „Специјалната Златна камера 300“ покажа дека неговата креативност нема граници –оскаровецот зеде гитара во рацете и приреди ексклузивен музички настап.
Заедно со Алек Секуловски, Фистер на бината пред Офицерскиот дом во Битола ја откри својата малку позната, но длабока страст кон музиката. Ова не беше обичен настан, туку чиста енергија и експлозија на уметност каква што за првпат се случува на еден филмски фестивал. Оваа холивудска ексклузива дефинитивно ќе се прераскажува со години.