Крај на дилемите: пензиите ќе се зголемат законски за 3 отсто

Претходно владата на Мицкоски ги зголеми линеарно четири пати за износ од 7.000 денари. Сега таа се врати на законското усогласување


Зголемувањето на пензиите ќе биде според законското усогласување (Фото: Б. Грданоски)

 

Завршија парламентарните избори. Завршија и локалните. Па пензиите ќе се зголемуваат онака како предвидува законот, наместо четири пати линеарно, како што правеше владата на Христијан Мицкоски.

На една недела пред да заврши месецов директорот на Фондот за пензинско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, потврди дека зголемувањето на пензиите ќе биде 3 отсто почнувајќи од септемвриската пензија. Онака како што предвидува законското услогласување. Од премиерот се најавуваше дека зголемувањето може да биде и 3,5 отсто, но пресметките завршиле во поконзервативната варијанта. Усогласувањето се пресметува според трошоците на живот и просечната плата. Со тоа, просекот на пензионерските примања ќе се зголеми за 841 денари, од сегашните 28.050 на 28.891 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот јануари-јуни, индексот на трошоците на животот бележи раст од околу 1,17 отсто, што дава придонес од приближно 0,585 отсто, додека просечната нето-плата порасна за околу 4,75 отсто, односно носи придонес од 2,375 отсто. Вкупното пресметано усогласување изнесува меѓу околу 3 отсто, а бројката ја потврдија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ)

Кај просечната старосна пензија од 29.609 денари, зголемувањето изнесува 888 денари, па новиот износ би бил 30.497,27 денари.

Оние што имаат пензија од  20.228 денари ќе добијат зголемување од 606 денари, а осумте граѓани во државата кои имаат највисока пензија од 94.332 денари ќе добијат зголемување од 2.830 денари.

Според статистиката на ПИОМ, во август пензија била исплатена на 349.334 корисници. Износи до 20.228 денари се префрлени на сметките од 26.585 лица (7,61%). Пензии до 23.945 денари имаат 129.480 пензионери (37,06%), а до 30.000 денари – 82.894 пензионери (23,73%).

Нешто повеќе од еден процент од пензионерите, поточно 1,02 отсто, се со примања повисоки од 64.518 денари. Се работи за 3.559 корисници.

Дел од пензионерите со ниски пензии се противат на враќањето на процентуалното усогласување и бараат линеарниот модел да биде трајно законски регулиран. Тој модел се применуваше во изминатите две години, период во кој сите пензии се зголемија за 7.000 денари: два пати по 2.500 денари и два пати по 1.000 денари.

На крајот од август премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се враќа процентуалното усогласување. Тој образложуваше дека таквата одлука се носи со цел заштита на пензионерите и нивните пензии. А ги спомена и иницијативте пред Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување, а нив ги поднеле „поединци поттикнати од опозициските партии“.

Линеарните зголемувања на пензиите придонесоа да се зголеми „дупката“ во ПИОМ, односно разликата помеѓу придонесите за пензиско осигурување и вкупниот износ на средства потребни за исплата на пензиите.

За исплата на пензиите во 2026 година се потребни вкупно околу 2,4 милијарди евра (околу 147 до 150 милијарди денари).

Оваа рекордна сума се должи на континуираните законски и линеарни зголемувања на пензиите во изминатиот период, како и на растот на бројот на корисници на пензија.

Од платите на вработените во државата директно во Фондот за ПИОМ се слеваат околу 1,4 милијарди евра (приближно 85,8 милијарди денари). Бидејќи придонесите не се доволни, државата од централниот Буџет годинава префрла историски највисоки 62,8 милијарди денари (околу 1 милијарда евра) за да се покрие дефицитот и да се овозможи редовна исплата

Опозициската СДСМ вчера укажа на овој проблем. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „За достоинствен живот и подобра иднина на сите генерации“, предупреди на алармантната состојбата со буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Филипче посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ за две години е двојно зголемена и достигна една милијарда евра, со што власта ја става во ризик исплатата на пензиите.

„Дупката во Пензискиот фонд, која за две години е дуплирана, од 500 милиони евра, сега е милијарда евра, милијарда евра фалат за да се исплатат пензиите. Ги нема во Пензискиот фонд. Треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најде парите? Од заеми“, рече Филипче.