Превенцијата останува најслабата алка во борбата против кардиоваскуларните болести


Кардиоваскуларните заболувања остануваат водечка причина за предвремена смртност во земјава, а Македонија бележи двојно повисока предвремена смртност од европскиот просек, поради што се неопходни посилни мерки за превенција, рано откривање и контрола на ризик-факторите, беше порачано на денешниот панел „Не пропуштај ниту еден ритам“, организиран по повод Светскиот ден на срцето.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, посочи дека во јавноста многу малку се дискутира за срцевите заболувања, иако тие се главен двигател на предвремената смртност.

– Македонија, како и регионот, има двојно поголема предвремена смртност од европскиот просек. Главен причинител на предвремената смртност, односно на смртноста помеѓу 30-тата и 70-тата година од животот, се кардиоваскуларните болести. Мора да го разгледаме целиот циклус, од превенција и рано откривање до третман. Се чини дека во моментот сме најслаби токму во превенцијата и раното откривање, додека во третманот ги применуваме сите современи терапевтски можности – рече Клековски.

Тој додаде дека систематските прегледи треба доследно да се спроведуваат и да не бидат само формалност, посочувајќи дека мерењето на крвниот притисок, ЕКГ и стрес-тестовите се достапни методи што можат да помогнат во навремено откривање на ризиците.

Министерот информираше и дека покренал иницијатива за забрана на нездрава храна во училиштата и за воведување данок на пијалаци со додаден шеќер.

Претставникот на Светската здравствена организација во земјава, Аким Али, истакна дека најголем предизвик останува превенцијата.

– Употребата на цигари не ги афектира само пушачите, туку и сите околу нив. Физичката активност и добрата исхрана се клучни, а лекарите можат да дадат совети за исхрана, пушење и физичка активност. Време е да го имплементираме она што го знаеме – рече Али.

Шефицата на сектор во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Роберта Кортезе, исто така, нагласи дека превенцијата е клучот во борбата против кардиоваскуларните заболувања.

– Стресот е уште еден причинител на инфаркти. Треба да работиме и на нашето ментално здравје и секојдневно да го превенираме стресот, бидејќи сме пребрзи во сè што правиме. Многу животи можат да бидат подобрени, дури и спасени, со мали промени – истакна Кортезе.

Потпретседателката на Македонското здружение по кардиологија, Лидија Поповска, посочи дека кардиоваскуларните заболувања предизвикуваат околу 20 милиони смртни случаи годишно и учествуваат со 32 проценти во глобалната смртност.

– За жал, Македонија е во црвената зона во Европа, со многу висока кардиоваскуларна смртност. Најслабата алка е примарното здравство, потоа оперативно-стратегиското планирање и трошоците. Потребно е подигање на свеста и работа на кардиоваскуларната превенција, но и многу поширока соработка со чинители што ги опфаќаат образованието, спортот и исхраната – рече Поповска.

Таа повика граѓаните редовно да прават превентивни прегледи, особено лицата над 40 години и оние со фамилијарна оптовареност и ризик-фактори.

Настанот „Не пропуштај ниту еден ритам“ беше организиран од Македонското здружение по кардиологија во партнерство со Министерството за здравство и Канцеларијата на СЗО во Скопје. Целта на панелот беше да се испрати порака за сериозноста на кардиоваскуларните болести и потребата од нивна рана превенција, навремено препознавање на симптомите и подобра контрола на ризик-факторите.

Учесниците порачаа дека кардиоваскуларните заболувања остануваат еден од најголемите здравствени предизвици во земјата и дека преку редовни превентивни прегледи, здрави животни навики, физичка активност и навремена медицинска грижа може значително да се намали предвремената смртност и да се подобри квалитетот на животот на населението.