Платформата за смена на Филипче „удри“ и по ЗНАМ, Заев, Црвенковски и ВМРО-ДПМНЕ

Ќурчиев најави кривична пријава за тврдењата дека е управител на фирма што добила тендер од Владата


Водечките луѓе на Платформата (Фото: Слободен печат)

 

Платформата за промени во СДСМ, која сака да го смени Венко Филипче од лидерската позиција, денес уверуваше дека е „јасна, гласна и опозициска“, а како потврда го нарече владеењето на ВМРО-ДПМНЕ катастрофално, ЗНАМ го оцени како клиентелистичка партија создадена со политички инжинеринг,  се огради од  политичкото наследство на Зоран Заев, но се огради и од Бранко Црвенковски – со кого најчесто ја поврзуваат. 

Според нив, СДСМ е на „егзистенционален минимум“ со рејтингот и, ако не си оди актуелниот лидер, ќе исчезне како партија поради што се решени да помогнат така што ќе ја обединат опозицијата и без Филипче на лидерската функција, ќе ја направат предводник на промените во државата. 

„Ние никогаш нема да повикаме да се гласа против СДСМ. Нема да формираме ни политичка партија, нема да излеземе со независни листи, а зад нашата платформа не стои ниту пак ќе стои бизнисмен што нѐ финансира“, порачаа во кратки црти Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Славјанка Петровска, Александар Ќуркчиев, Андреј Петров и Гордан Георгиев на денешната прес-конференција.

Според нив, целта е да ја преземат партијата додека има време да ѝ се поправи рејтингот, но тоа нема да го направат организирајќи „Панорама два“, туку ќе дејствуваат во СДСМ со демократски средства. Најавија нов собир за в сабота на кој ќе ги претстават идните чекори, а ако Филипче не одговори така како што бараат, ќе ги објаснат следните чекори подоцна. 

„Имаме обврска да разговараме за внатрешните состојби во СДСМ“, рече Ивановски, оценувајќи дека сега има парадоксална ситиација: имаме влада со висок рејтинг кој не е резултат на мерливи резултати и постигнувања. Според него, оваа влада е кандидат да биде запаметена како една од најлошите што ги имала Македонија изминатите 35 години,, бидејќи не води никаква борба против корупцијата, затајува во сервисните политики кон граѓаните, ја изгуби битката со инфлацијата, Македонија се соочува со висока неликвидност бидејќи не ги плаќа обврските кон компаниите, бидејќи е зависник од краткорочни позајмици од реалниот сектор, со порака – ако првите две години од мандатот некој не прави реформи, какви се шансите да направи последните две?

Парадоксот, пак, дека и натаму има највисок рејтинг го најде во немањето алтернатива, обвинувајќи дека има „тотално осмислена и договорена политика меѓу власта и опозицијата (Христијан Мицкоски и Венко Филипче), првиот да купува време, а вториот да купува слобода“. Затоа, според него. се вулгаризира политиката и се држат како што рече циркус прес-конференции, при што бескрајно се злоупотребува прашањето со Бугарија како дефокус на  јавноста. 

„Не можат сега да едрат против ветерот“, ја опиша оваа состојба Емилијан Станковиќ, а Игор Ивановски го дополни со оценката дека во СДСМ сега треба да влезат подобри и попаметни луѓе, откако претходно се оградија и од Заев и од Црвенковски. Како потврда на тврдењето дека СДСМ функционира како штит на ВМРО-ДПМНЕ тој го отвори и прашањето: зошто никој не го бара Васко Ковачевски, покрај останатите што требаше да одговараат за криминал, а се на слобода?

Андреј Петров, пак, посочи дека има случаи човек што работел со министер на една страна да стане министер на друга, но нема случај –  да стане лидер на политичка партија. Особено што, како што наведе, кога тие биле дел од Пленумот и биле тепани за тоа, Филипче бил дел од режимот, т.е. контрапленумот, а кога штрајкувале тој исто бил контра штрајкувачите.

Тој посочи сепак дека не ја гледа одговорноста за состојбата со СДСМ само во Филипче и дека за неа придонеле и другите претходно, па и дека има девастација во партијата исто како и во општеството, така што останато е само што е клиентелистичко, дотаму што тие што се на функција денес претходно не би биле ни дел од помошниот персонал. 

„Ние нема да бидеме мршојадци. Подготвени сме  сега да ја преземеме СДСМ, иако знаеме дека оди кон пораз. Ќе направиме подобар резултат. СДСМ е на егзистенцијален минимум, нема да чекаме“, рече Петров, споменувајќи дека времето не работи за нив, како што не работи ни во Србија со која, според него, имаме иста политичка состојба. Станковиќ исто така објаснуваше дека Филипче не е преставник на членството бидејќи земал партиска книшка пред да стане министер и дека неговиот избор бил наместен. 

„Тој е последен што има право да кажува кој е ВМРО-вец“, му реплицираше Станковиќ на Филипче. На тоа се надоврза и Ќуркчиев јавно повикувајќи го да провери кој број има неговата партиска кништа (17)  и потоа му побара јавно извинување што погрешно пресметал дека може да го престави како ВМРО-наклонет. Тој најави и кривична пријава за тврдењата од СДСМ дека е управител на компанија што добила милионски тендер од Владата, објаснувајќи дека бил само хонорарно ангажиран од грчката фирма бидејќи е инжинер и го знаел грчкиот, а можност за влијание ниту имал ниту влијаел. Уште повеќе, тој тврдеше дека во објавата на СДСМ неговиот потпис бил фалсификуван. 

На забелешката на новинарите – ако може ЗНАМ, ако може Димитар Апасиев, зошто да не може СДСМ со Филипче да биде дел од опозицискиот фронт и дека тој е најмалку одговорен за поразот на претходните избори, помалку и од Славјанка Петровска која бара смена од него, одговорот беше дека СДСМ се борела против заробена држава, а сега самата станала заробена партија. Во тој контекст Петровска констатираше дека партијата се променила до непретпознатливост дури и за членството, дека е штит на власта и дека само му обезбедува  време на ВМРО-ДПМНЕ.  Генерално причината за намалениот рејтинг ја лоцираше  во изневерените ветувања од Шарената револуција порачувајќи : „Оставете го настрана Преспанскиот договор, оставете го договорот со Бугарија, имаше пострашни работи чии последици сѐ уште ги трпиме и, ако не го кажеме тоа, како ќе излеземе со нови ветувања пред гласачите?“ 

„Безмилосно го трошиме најважниот ресурс – времето. Доцна е, но имаме одговорност да не биде предоцна (за земјата)“, порача генерално Ивановски објаснувајќи дека крајната цел е да се направи СДСМ способен да се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ . (С.Ј.)