Општина Центар организира „Обука за финансиска писменост на жените“
На обуката можат да учествуваат жителки на Општина Центар, со најмалку завршено четиригодишно средно образование, кои се невработени и евидентирани во Агенцијата за вработување и се на возраст од 20 до 50 години.
„Да се биде финансиски писмен е клучно за секој поединец, без оглед на полот, за да може да донесува добри финансиски одлуки и да изгради сигурна и стабилна финансиска иднина. Оваа обука е чекор кон поголема информираност, самостојност и економско зајакнување на жените. “, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Целта на обуката е развој на женското претприемништво и финансиската писменост, што ќе придонесе кон поголема економска независност и развој на претприемачкиот потенцијал на жените.
Планираниот број на учеснички е 30, по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Пријавата за учество, заедно со потребната документација, може да се достави во Архивата на Општина Центар или по пошта на адреса: ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје.
Пријавата е достапна и на веб-страницата на Општина Центар ЈАВЕН ПОВИК за пријавување лица за „Обука за финансиска писменост на жените“ | Општина Центар .mk.