Приватна фирма плаќала лобисти во САД за Мицкоски, открива СДСМ
Според она што го објави портпаролката Кузеска за лобирањето се плаќало 130.000 долари месечно. И праша чии интереси застапува премиерот Мицкоски
СДСМ денеска објави дека наводно има договор меѓу скопската компанија АТС Груп и американската лобистичка куќа „Mercury Public Affairs“ за промовирање теми поврзани со Владата и премиерот Христијан Мицкоски во САД и за можни американски инвестиции во земјава. И дека за промовирањето плаќала компанијата АТЦ Груп. Наводите на прес-конференција ги изнесе портпаролката Богданка Кузеска.
„Во Америка има закон. Ако некој однадвор плаќа лобист да работи кон американски функционери, тоа се пријавува. Се вика ФАРА. Регистар бр. 6170. Таму пишува: американската куќа Mercury Public Affairs ја плаќа фирма од Скопје – АТС Груп ДООЕЛ. Приватна фирма.
Значи не ја плаќа Министерството за надворешни, владата… Ја плаќа приватна компанија за муниција, шлемови, балистичка опрема“, рече Кузеска. Според неа, станува збор за приватна компанија чиј сопственик е Шефшет Демировски.
Таа рече дека договорот предвидува месечен надомест од 130.000 долари, односно 390.000 долари квартално. Тоа е 1,56 милиони долари годишно, со важност во текот на 2026 и 2027 година.
Кузеска посочи и дека на 2 април 2026 година „Mercury Public Affairs“, според документацијата на која се повикува СДСМ, доставила материјал насловен „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“. Според неа, во материјалот биле опфатени теми како нула царини, американски гас, инвестиции во американскиот ИТ-сектор, пристап за американската одбранбена индустрија и енергетски проекти. Кузеска го поврза ангажманот на лобистичката куќа и со интересите на АТС Груп во областа на воената опрема, како и со проектот за копање антимон во Македонија. „Пет милиони долари грант за развој на антимон кај Крстов Дол, Луке, Крива Паланка, Мицкоски го продаде како успех од Америка“, рече Кузеска.
Таа истакна дека СДСМ направил проверки на јавно достапните информации поврзани со посетата на Мицкоски во САД од 15 до 22 септември 2026 година. Според неа, на страниците на Белата куќа, Стејт департментот, агендите на американскиот државен секретар Марко Рубио и заменикот Кристофер Ландау, Пентагон, ДФЦ, Конгресот и регистарот ФАРА не пронашле официјална објава за средба на Мицкоски со Рубио, Ландау или друг висок функционер на американската администрација.
„Нема агенда. Нема заедничко соопштение. Нема потпис. Има Фејсбук“, рече Кузеска, оценувајќи дека доколку нема официјална потврда, станува збор за неформален контакт, а не за државна средба.
„Ова е многу едноставно. Кога немаш официјален термин, одиш каде што лобистот отвора врата: хотелски фоаје, ходник, 42 секунди, слика од страна. Потоа дома тоа го викаш средба на ултра високо ниво. Заштита на идентитетот. Стратешко партнерство“, рече Кузеска. И продолжи:
„Ако истиот месец приватна каса, приватна фирма плаќа лоби за неговата агенда, тоа не е
случајност. Тоа е метод.
Педесет души на народен грб. Приватна фирма плаќа врата. Премиерот се слика на ходник. Антимонот влегува како ‘почеток’. Народот не се прашува. Провизијата се знае кај него. Ризикот останува кај нас: вода, почва, сметка“.
Кузеска нагласи дека СДСМ е за сојуз со Америка, ама вистински сојуз: „Како што ние успеавме. И со САД да ги издигнеме односите на највисоко ниво и НАТО да го затворивме токму ние“.
Таа побара јавно објавување на целокупната документација поврзана со случајот, вклучително и целосниот извод од ФАРА 6170, материјалот од 2 април, списокот на лицата со кои „Mercury Public Affairs“ контактирала во име на АТС Груп, информациите за финансирањето на делегацијата и писмено објаснување за тоа зошто антимонот се претставува како државен интерес додека, според неа, за него лобира приватна компанија.
„Ова мириса на корупција и мора да се истражи“, рече Кузеска.
Од СДСМ порачаа дека се за унапредување на односите со САД, но се против, како што наведе Кузеска, државните политики да се креираат преку лобистички ангажмани на приватни компании.