Зеленски го нарече Путин „нулта пациент“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот пред Генералното собрание на ОН во Њујорк порача дека Владимир Путин нема да ги оствари воените цели во Украина. Зеленски побара од светските лидери дополнително да ги ограничат руските приходи и трговијата што ја финансира агресијата. Тој нагласи дека секоја трансакција со Москва му купува дополнително време на конфликтот и дека на Русија не ѝ припаѓа ниту еден километар украинска територија.
Руските генерали речиси пет години безуспешно се обидуваат да ги исполнат наредбите на рускиот претседател за целосно заземање на источна Украина, рече Зеленски од говорницата во Њујорк.
Тој нагласи дека Москва веќе располага со огромна територија и нема никакво право врз ниту еден дел од Украина. Отпорот на теренот, според неговите зборови, покажа дека плановите на Кремљ се неостварливи и покрај интензивните воени операции.
Зеленски го нарече рускиот претседател „нултa пациент“ од кој се шират нестабилноста и вооружените конфликти на глобално ниво.
„Колку повеќе слобода има за дејствување, светот станува поопасно место за сите останати“, предупреди украинскиот лидер.
Тој порача дека секое трговско плаќање кон Русија претставува директна финансиска инјекција за продолжување на војната. Поради тоа, Украина со сопствени сили ги таргетира изворите од кои се полни рускиот воен буџет, истовремено барајќи од меѓународните партнери целосно да го блокираат просторот за економско дејствување на Москва.
На почетокот тој порача дека додека патувал преку големиот и прекрасен Атлантски Океан, ја прочитал објавата на Трамп на мрежата „Truth Social“.
„Тој напиша дека Русија ја изгубила контролата врз индустријата за дизел поради војната во Украина. Тешко е да се замисли попонижувачка загуба за земја што има постојано место во Советот за безбедност и толку се гордее со својот извоз на нафта. Цитирам: „Голем број рафинерии за дизел се разнесени и се привремено надвор од функција“, крај на цитатот. И тоа е вистина. Русија направи грешка. А заклучокот од таа објава е дека оваа смешна воена операција, односно оваа војна, мора да заврши. Не познавам светски лидер кој би рекол поинаку. Не познавам никого кој е за оваа војна, освен еден човек“, рече Зеленски.
Тој истакна дека за осум месеци, руската армија изгубила речиси 250.000 војници на бојното поле.
„ Речиси пет години, руските сили се обидуваат да ја спроведат лудата наредба на Путин за окупација на нашата земја во регионот на Доњецк. Само оваа година, од јануари до август, руската армија изгуби 248.964 луѓе на бојното поле во Украина во текот на осум месеци. Со 248.000 загинати и ранети во борбите, дури 21 земја во светот има помало население од бројот на оние што ги изгуби Русија. Имаме видео-докази за секоја од овие загуби. Ова не е само статистика, ова се вистински луѓе. Имаме архива со снимки од дронови кои покажуваат илјадници и илјадници Руси како ги губат животите во зоните на смртта. Тоа е лудило. Тие сепак одат таму за да умрат бидејќи Путин така сака. По загубата на толку многу луѓе, Русија оваа година успеа да окупира нешто повеќе од 1.000 квадратни километри од нашата територија, а ние веќе ослободивме значителен дел од неа“, порача Зеленски.
Тој зборуваше и за воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја.