Остануваат одредбите за финансирањето на политичките партии: Уставниот суд не поведе постапка
Одлуката за одредбите од Изборниот законик останува во сила. Претседателот на Уставниот суд имал поинакво мислење
Уставниот суд денеска не поведе постапка за оценување оспорени одредби од Изборниот законик, а укина повеќе одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, со одложено дејство до 1 јануари 2027 година, соопшти претседателот на судот Дарко Костадиновски по денешната седница.
Во однос на Изборниот законик, тој рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа бидејќи истите одредби биле предмет на уставно-судска оцена и во минатото.
„Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа“, истакна Костадиновски.
Тој лично сметал оти оспорените одредби од Изборниот законик се неуставни и дека создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, но мнозинството судии останале на претходно заземениот став дека за ова прашање веќе е одлучувано.
Костадиновски потсети дека уште пред три години издвоил мислење во кое навел дека спорните одредби ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.
„По мое длабоко убедување, овие законски решенија не создаваат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка. Плурализмот не завршува со денот на изборите. Тој подразбира еднакви услови за сите политички субјекти што учествуваат во демократскиот натпревар“, појасни претседателот на судот.
Како спорен го оцени и критериумот според кој се распределуваат буџетските средства за финансирање на политичките партии врз основа на резултатите од претходните избори.
„Ако меѓу два изборни циклуси се формира нова политичка партија, таа практично нема можност да добие средства според постојниот модел. Со тоа почнува од значително понеповолна позиција во однос на другите учесници, а тоа отвора прашања за еднаквоста на изборниот натпревар“, истакна Костадиновски.
Мнозинството судии се повикале на одлуката на Уставниот суд од 2023 година донесена по иницијатива на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кога било оценето дека распределбата на средствата за политичко рекламирање и медиумски простор според резултатите од претходните избори е уставна. Судот тогаш заклучил дека освоените гласови се објективен критериум и дека законодавецот има право да ги утврдува правилата за медиумско претставување на политичките партии.
На оваа одлука реагираше Левица, која е и подносител на иницијативата.
„Откако Гоце Наумовски си замина од функцијата уставен судија, на неговото место владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ ја инсталираше Мери Дика-Георгиевска. Истата Мери Дика-Георгиевска, која ДПМНЕ во опозиција ја напаѓаше како дел од компромитираното правосудство и ја поврзуваше со случајот ‘Рекет’, по доаѓањето на власт стана прифатлив кадар за највисоката институција на уставно-судската власт. Денес, токму во таков состав, Уставниот суд одлучува да не ја испита евидентната дискриминацијата врз парламентарна партија“, стои во реакцијата.
Уставниот суд на седницата донел и одлука со која укина делови од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, што се однесуваат на финансирањето на Академијата од судскиот буџет, како и на статусното и материјалното изедначување на директорот и заменик-директорот со претседателот на Врховниот суд.
Судот одлучил овие одлуки да стапат во сила од 1 јануари 2027 година со цел да му остави време на законодавецот да ги усогласи спорните прашања во новото законско решение што се подготвува.
На седницата бил разгледан и Законот за здравствената заштита, при што судот едногласно не повел постапка по иницијативата што се однесувала на дополнителната дејност на лекарите од јавниот здравствен систем.
Костадиновски образложи дека судот оценил оти постојното решение е во функција на заштита на јавниот здравствен систем и пристапот на граѓаните до здравствени услуги.
Костадиновски информира и дека предметот што се однесува на платите на јавните обвинители е повлечен од денешната седница на барање на судијата известител поради дополнителна доработка на материјалот и ќе биде разгледуван на некоја од наредните седници.