Клековски: Има инфлација на боледувања
Сите измени на правилникот за боледување, кои се планирани, се правени врз основа на компаративни анализи. Има многубројни злоупотреби на боледувањата и целта на измените е тие да се спречат. Има ситуации во кои луѓе што се на боледување на „Инстаграм“ објавуваат фотографии од одмор во Италија – рече денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој посочи дека не сме се споредувале со робовладетелски земји, па да кршиме права, туку ова што се предлага е споредувано, на пример, со Словенија, каде што законот бил донесен кога на власт била левицата, а не десницата.
– Од друга страна, се загалам за олеснување на оние што навистина се болни и имаат трајни дијагнози и кои нема да се променат, дали се онколошки или автоимуни или потешки дијагнози. Треба да ја релаксираме администрацијата, каде што е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозмжиме земањето боледување за спојување празници, за одење на годишен одмор кога сакаме да одиме. Со законот не е предвидено да одиме на годишен одмор кога сакаме, има колку дена може да ги користиме кога сакаме сите ние, и вие како новинари и ние како политичари, и земање годишни одмори во јавната администрација да се работи на друго место. Имаме јавни примери, каде што луѓе што се на боледување работат друга работа. Сакаме тоа да го сузбиеме, а не да малтретираме – рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој истакна дека не смета оти намалувањето на периодот за кој матичен лекар може да отвори боледување од седум на пет дена е казна за граѓаните, оти вели, има инфлација на боледувања, на такви што се издаваат на телефон. Според него, пет дена за такво боледување е сосема доволно.
Во однос на контролата на движење, тој смета дека тоа треба да оди со закон бидејќи во моментот контролата на движење не е уредена во постојните решенија.
– Меѓутоа, тоа е посебна дискусија, а контролорите на Фондот имаат право да вршат контроли на боледувања, вклучувајќи и каде се наоѓа пациентот. Искуството од Словенија е дека контролата за режимот на престојување, на движење, е уредено со закон. Словенија нема граници во кои може да врши гранична контрола бидејќи е во шенген-зоната. Таму е базирано на пријава до Фондот за здравствено осигурување на Словенија дека лицето што е на боледување е на одмор во Италија или работи на лозје некаде. Сè друго се уредува со правилник на Фондот за здравствено осигурување бидејќи е дел од тоа уредување. Меѓутоа, ние во јули отворивме јавна расправа за тоа, можеби Левицата тогаш беше на годишен одмор. Отворени сме за разговор и ние и Фондот за здравствено осигурување – додаде Клековски одговарајќи на новинарско прашање.