Нешто чкрипи во машината: ВМРО-ДПМНЕ чекор поназад од СДСМ во партиските пораки

Владејачката партија нту пак владата не кажуваат колку луѓе се во делегацијата на Мицкоски, туку зборуваат за Заев и „40 разбојници“ во ОН


Премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Конкордија“. До него е вицепремиерката на Грузија, Мака Ботчоришвили

 

Дали пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ се закочила во одреден миг или нема соодветен одговор на информациите што ги објавува опозицискиот СДСМ за визитата на делгацијата на премиерот Христијан Мицкоски на САД. Прво лидерот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека во делегацијата на Мицкоски (кој во САД ќе биде најмалку 12 дена) има 50 луѓе. Владата молчеше околу тие наводи, можеби затоа што бројката е таа или слична. Од молчење на Владата пораките се трансформираа во дефанзива конципирана од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ и денеска во соопштение нарекувајќи го Мицкоски „арамија“ вели дека е „на екскурзија во САД со 50 луѓе а немаше ниту една официјална средба и нема никаков резултат. Неформален разговор во ходник го прикажува како средба а како најголем ‘успех’ го претставува 5 милиони долари за антимон. 

Поведе делегација од околу 50 луѓе на трошок на граѓаните, за концерт фрлија 5,53 милиони евра народни пари од Лотарија а за отров 5 милиони долари ги претставува како голема инвестиција“. 

ВМРО-ДПМНЕ во својот одговор го копира СДСМ и вели дека имало „арамии“, но во друштвото на Зоран Заев и неговата посета на ОН во Њујорк кога беше премиер. Таму биле „40 разбојници“. ВМРО-ДПМНЕ не кажува кога било тоа, но наведува некои кои биле во делегацијата.

„Во таа делегација бил и Венко Филипче како министер за здравство на шетање во Њујорк, Насер Нуредини министер за екологија, Бујар Османи и Нина Ангелова како и сегашниот ‘независен’ новинар Зоран Бојаровски, советници и вработени во влада. Таму и кучињата по дома ги земале на шетање во САД“.

ВМРО-ДПМНЕ не кажува колку лица се со Мицкоски во САД, но вели дека „за разлика од тогаш денес нема непотребни членови на делегацијата и нема луксузирање и дополнително, ефектите и придобивките за државата се далеку поголеми“. Па ги споменува средбите со Марко Рубио, Кристофер Ландау.

И најгртескно од сѐ е дека Христијан Мицкоски „достоинствено ја претставуваше Македонија и на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации, што претставува место на кое се носат важни одлуки“.

Ваков фаул во пропагандата ВМРО-ДПМНЕ нема одамна направено – премиерот достоинствено ја претставувал државата на отворањето на Генералното собрание на ОН. Нешто почнало да чкрипи во пропагандната машина на ВМРО-ДПМНЕ.