Молдавија прогласи вонредна состојба во енергетскиот и хидролошкиот сектор во траење од 60 денови
Молдавија објави дека прогласила вонредна состојба во енергетскиот и хидролошкиот сектор во траење од 60 дена. Парламентот, со 54 гласа „за“ и 20 „против“, ја одобри иницијативата предложена од владата.
Предлог-законот за прогласување вонредна состојба го претстави премиерот Василе Тофан, кој ја истакна неопходноста од таа иницијатива за да се овозможи брзо дејствување и да се обезбеди континуиран пристап до енергетски ресурси и вода, со оглед на повеќекратните и меѓусебно поврзани ризици.
Тофан изјави дека почетокот на студената сезона носи „повеќе меѓусебно поврзани ризици поврзани со снабдувањето со гас, гориво, електрична енергија и водни ресурси, како и со високите цени на енергенсите“.
Тој исто така наведе дека состојбата на готовност во енергетскиот и хидролошкиот сектор – која првично беше воведена кон крајот на јули во траење од 30 дена, а минатиот месец беше продолжена за истиот период – истекува в петок. Ризиците што доведоа до нејзино воведување не исчезнале, туку се интензивирале, рече тој.
Тофан посочи дека улогата на владата „не е да чека да настане криза, а потоа да објаснува зошто не презела ништо“.
„Мораме да ги имаме подготвено инструментите пред овие кризи да се материјализираат“, рече тој.