Канаѓанец поминал девет месеци во американски имиграциски притвор, конечно е ослободен


Канаѓанецот Клејтон Херман, кој беше депортиран од САД по девет месеци поминати во притворски центар на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во Калифорнија, изјави дека бил изложен на нехумани услови, објави канадскиот јавен сервис „Си-би-си њуз“.

– Вистинско олеснување е што никогаш повеќе нема да морам да бидам во лисици, во бетонска зграда зад бодликава жица – рече Херман во интервјуто, опишувајќи го објектот како „одвратно, бедно и пеколно место“. Тој додаде дека храната била едвај јадлива, на ѕидовите во притворот имало мувла, а медицинска грижа воопшто немало.

Херман, кој е роден во Винипег и нема ниту една кривична пресуда, легално влегол во САД пред 20 години. Сепак, тој останал во земјата и по истекот на визата, поради што од 2022 година бил обврзан редовно да се пријавува во ICE, за во октомври 2025 година конечно да биде сместен во притвор.

Агентите на ICE го приведоа во октомври 2025 година, по што во јуни годинава тој доби судска одлука за ослободување. Сепак, пет недели подоцна, во јули, повторно бил приведен. Вториот пат агентите тврделе дека ги прекршил условите за ослободување поради „неисправен“ уред за електронско следење, додека тој наведува дека второто апсење се случило бидејќи документот со кој ја обжалил депортацијата доцнел по пошта.

Неговите проблеми не завршија ниту по депортацијата. Херман изјави дека во моментов нема работа ниту документ за идентификација, бидејќи веднаш по пристигнувањето на аеродромот во Ванкувер на 26 август бил принуден да го предаде својот итен патен документ од канадското Министерство за глобални работи.

Сепак, тој изрази олеснување што конечно е слободен и повторно се наоѓа во Канада.

„Подобро е отколку да бидам во тие нехумани услови, во онаа валкана бетонска зграда со бодликава жица на југ“, рече Херман.