Косово го затвори Генералниот конзулат во Струга


 

Генералниот конзулат на Косово во Струга е официјално затворен, соопшти амбасадата на земјата во Македонија.

Одлуката е донесена со цел реорганизација и оптимизација на дипломатските и конзуларните ресурси на Косово во Република Северна Македонија, пренесува „Коха“.

„Врз основа на Указот бр. 150/2025 на претседателот на Република Косово и во спроведување на придружната Одлука бр. Ref 261/2026 на Министерството за надворешни работи и дијаспора, соопштуваме дека Генералниот конзулат на Република Косово во Струга, Република Северна Македонија, е затворен“, се наведува во соопштението на дипломатската служба.

Во соопштението се појаснува дека затворањето на конзулатот уследило по проценка на работата на конзуларната мисија и има за цел да ја усогласи дипломатската структура со севкупните институционални цели и потреби.

Присуството во Струга ќе се одржува преку канцеларијата на почесниот конзул, кој ќе продолжи да ја врши конзуларната надлежност во градот. Во меѓувреме, конзуларните услуги за граѓаните на Косово низ цела Северна Македонија ќе ги обезбедува Амбасадата на Република Косово во Скопје.