Дарко Митревски ќе снима спиноф на „Бал-кан-кан“, циничен коментар на самите себе
Горчлив коментар на нашите животи во моментов, цинична и смешна приказна, љубовна, еротска, црна комедија која се случува во Македонија, со тажен крај, многу смеа и солзи, спиноф на „Бал-кан-кан“. Вака денеска режисерот, сценарист и продуцент Дарко Митревски го најави својот нов филм што ќе почне да се снима идната година.
Како што рече на средба со новинарите, насловот на филмот е се уште работен (инспириран од македонски шлагер), екипата допрва ќе се составува, а буџетот треба да биде обезбеден во следните шест месеци. Засега е извесно дека снимањето ќе биде во Скопје, а главните улоги им се доверени на Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова.
Митревски го напишал текстот пролетва, за четири недели, иако, напомена, филмско сценарио обично се пишува за шест месеци. Откри дека се работи за амбициозен проект во кој ќе учествуваат многу луѓе.
-Ова е приказна за двајца луѓе кои се на дно на општеството, кои не се присутни во нашата физичка реалност бидејќи никој не ги забележува, кои се на раб на егзистенција и кои се сакаат. Единствен начин за бегство од дното е да бидат успешни не во оваа реалност што ја живееме, туку во лажната реалност која исто така ја живееме, а се вика социјални медиуми, луѓе кои по грешка, по случајност, стануваат светски познати и колку повеќе заглибуваат во славата, толку повеќе пропаѓаат во животот зашто стварноста што ја живееме е лажна – стварноста на TikTok, на Facebook, на Instagram, на се што ни се случува изминативе 15 години е лажна. Ние не сме овде присутни да се допреме и да си кажеме, ние живееме на Messenger, на Viber, во дигитален свет составен од нули и единици. Насловот е сè уште работен, не можам да го соопштам. Кој ќе биде конечниот наслов ќе видиме, ќе кажам дека во моментов е инспириран од еден познат македонски шлагер. Филмот ќе се случува во мојот свет, како продолжение на оној Дарко од пред 20 и кусур години, од пред 21 година, кој имал поинаква насмевка, поинакви замислувања за иднината, поинакви визии за татковината. Намерно е спиноф, но не заради влечење корист од старата слава, туку заради играње мајтап со старата слава. Значи, не е продолжение на „Бал-кан-кан“, не е приквел, не е сиквел, туку е спиноф . Што значи спиноф ? Нови ликови, истакна Митревски.
Според него, во филмот нема да играат само глумци, туку ќе се појават и ликови од нашето секојдневие, инфлуенсери, ликови од разни сфери на општеството.
-Филмот ќе биде циничен коментар на самите себе, невообичаен филм во кој нема да играат само глумци, туку ќе се појават и ликови од нашето секојдневие, инфлуенсери, ликови што ги знаеме од разни сфери на нашево општество. Сакам да направам филм што ќе биде пресликување на оваа денешна Македонија како што јас ја гледам и доживувам, бидејќи не живеам тука. Го правам за пријател, за група пријатели, но едновремено и апсолутно верувам во неговата комерцијална успешност, верувам дека ќе биде гледан филм. Сега влегуваме во потрага по финансии и прилично сме ентузијастични, уверени дека ќе го склопиме буџетот во наредниве шест месеци, до можеби малку повеќе. Потоа тргнуваме во потрага по екипа, бидејќи е амбициозен проект, има место за многу луѓе. Сакаме ова да биде и филм што ќе промовира нов начин на работа, филм кој медиумите би го следеле од пелени, од сам зачеток, би давале придонес во создавањето. Мене медиумската сцена овде ми е нова зашто е многу сменета во однос на она што јас го знам од порано. Ќе ми помогнете да го соберам кастот, нагласи режисерот.
Актерот Сашко Коцев кој беше на средбата со новинарите, рече дека со Митревски изминативе години биле во постојан контакт. Пролетва на меил добил неколку реченици за филмот, ги прочитал и му рекол на Митревски да седне да пишува.

-Беше многу интересно колку брзо го напиша сценариото. Ми објаснуваше дека ликовите сами се пишувале, се движеле низ дејствието, низ целата приказна и завршиле до крај. Некако така ми го опиша тоа, објасни Коцев.
На тоа се надоврза Митревски: „Во лудило. Обично филмско сценарио се пишува за шест месеци. Јас се слушнав со него во петокот, во саботата ги имав веќе првите пет страници и за четири недели го имав целиот текст. Претходно му велев: ‘Кај мене дебитираше и се си подобар и подобар и подобар’. Во разни наврати размислувавме што и како би сакале да работиме. Последниот пат кога се видовме, пред две години, му реков: ‘Ми е гајле и за гледаност, сум имал гледаност. Ми е гајле и за фестивали, сум одел на фестивали. Ми е гајле за награди, сум имал награди. Она што ми недостасува е да работам со пријатели, со луѓе што ги сакам. Сакам пред камера и зад камера да правиме журки, family gathering, мала пријателска веселба. Кога ќе имам нешто од тој тип, ќе ти се јавам.’ Од тогаш помина година и пол. Пролетва му се јавив и реков: ‘Ќе ти пуштам нешто на мејл’. Имав пет реченици. Сосема спонтани пет реченици. И го прашав што мисли за нив. Сашко рече: ‘Ај молам те, седни пишувај’. И седнав утредента да напишам. По мое скромно мислење, тоа е нешто најдобро што сум напишал во животот, веројатно така испаѓа кога пишуваш за пријател.“
На новинарско прашање во контекст на филмот, Митревски одговори дека Македонија се обидува да ја гледа во најдобро можно светло, иако е свесен и за лошите страни.
-Македонија се обидувам да ја гледам во најдобро можно светло, кога доаѓам се обидувам да ја гледам како што се гледа туристичка дестинација – во најдоброто можно светло и да уживаш во најдобрите работи што таа дестинација ги нуди. Се разбира, не сум ја ни толку млад и наивен да не ги гледам лошите страни. Тие се токсични, ја загадуваат душата и од нив не можеш да направиш уметност. Или па можеш, ако си доволно саркастичен и ги свртиш на мајтап. А јас за таа работа сум многу кадарен. Живееме во грозно време во кое мислам дека никаде не е сосема баш добро, а некаде е и многу лошо, а некаде е и многу полошо. И кога ќе дојдам во Македонија и кога ќе ги слушам луѓето како се жалат, баш со сопругата коментиравме кога го прочита сценариово. Рече: „Тоа што мене ми се допаѓа не е толку пресудно. Она што е најголемата вредност е што на таа средина ѝ фали себељубов, а оваа приказна тоа ѝ го носи. Така што, не сте битни ти, Сашко, не е битно колку ќе биде гледан филмот, колку пари ќе добиете, со колку пари ќе го снимите. Битно е тоа да го сочувате, да се вратиш во Скопје и да им кажеш на луѓето дека треба да си се сакаат себеси и своето“, рече Митревски.

Тој речиси две децении живее и работи во САД, а сега е повторно тука. Освен што го најави филмот, в петок ќе биде гостин и на фестивалот „Браќа Манаки“.
-Четиринаесет години сум професионално отсутен од тука. Медиумскиот пејсаж се смени во тие 14 години, јас сум се сменил, сите сме се смениле. Израсна нова генерација на уметници, новинари, инфлуенсери, која мене не ме ни знае. Одамна ме нема. во САД пишувам филмски сценарија, некои од нив се откупени од продуценти. Пишувам на англиски, немам пишувано на македонски 14 години, рече режисерот, сценарист и продуцент Дарко Митревски.