Војната на десницата против модерната архитектура
Опсесијата на партијата Алтернатива за Германија со архитектурата открива повеќе отколку што може да изгледа на прв поглед. Културната политика е тесно поврзана со исклучувачката политичка агенда на крајнодесничарските сили
Иако крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) веќе две години бележи пораст во анкетите, таа е држена подалеку од власта поради одбивањето на другите партии да стапуваат во владејачки коалиции со неа. Но, бидејќи овој „заштитен ѕид“ се потпира на претпоставката дека АфД никогаш нема да освои апсолутно мнозинство, тој за малку беше фатално разнишан на покраинските избори во Саксонија-Анхалт што се одржаа овој месец.
Точно е дека, дури и ако АфД успее да формира влада во Саксонија-Анхалт, нема да може многу да влијае врз темата што моментално ѝ е приоритетна: политиките за миграција и законите за бегалци. 16-те германски сојузни покраини имаат широки надлежности во однос на политиките за култура и образование, а токму тука програмата на АфД се покажа како најоткривачка (и најреволтирачка).
Крајно десничарските популисти секогаш водат културни војни. Иако понекогаш се обидуваат да профитираат од кризите поврзани со трошоците за живот или од други економски предизвици, нивна основна заложба е промовирањето на идејата дека само тие го претставуваат она што го нарекуваат „вистински народ“. Бидејќи инсистираат на тоа дека само граѓаните со „вистинските“ карактеристики се подобни, тие никогаш не пропуштаат можност да се залагаат за „ремиграција“ не само на бегалците, туку и на „невистинските“ или „лажните“ граѓани – односно оние со погрешно етничко потекло (па дури и оние што застапуваат погрешни политички ставови).
Со оглед на нивната опсесија со прашањата за идентитетот, крајно десните партии можат постојано да ја менуваат својата економска агенда – преминувајќи од неолиберализам кон поддршка на силна социјална држава – а сепак да останат крајно десничарски. Дури кога би го промениле својот став кон бегалците и мигрантите, тие навистина би станале поинаков политички субјект.
Ова нè враќа на програмата на АфД за Саксонија-Анхалт. АфД вешто ги обвинува партиите што ги нарекува „партии на естаблишментот“ (Altparteien) – не за корупција или злонамерност, туку за слабост на волјата што произлегува од „национален мазохизам“ и слаба „самодоверба“. Овие недостатоци наводно имаат „културни“ корени, односно се работи за „традиција на уништување на традицијата“, која ја оставила земјата незаштитена пред „идеологиите на виножитото“.
Доколку работите се одвиваат според нивните планови, АфД се надева дека ќе ја претвори Саксонија-Анхалт во модел на „патриотски културни политики“ за останатите сојузни покраини. Партијата се залага за „размислување на германски начин“ (#deutschdenken), што подразбира спротивставување на кампањата на актуелната покраинска влада – инспирирана од „Баухаус“ – за уметничка слобода и модерни идеи.
Основано во Вајмар, но подоцна преместено во Десау (во покраината Саксонија-Анхалт), школата за уметност, дизајн и архитектура „Баухаус“ сè уште се памети со восхит поради извонредните градби, како оние што ги проектираше Валтер Гропиус во Десау во средината на 1920-те години. Сепак, според партијата АфД, „Баухаус“ претставува „антигерманска уметност“, односно „германска уметност што не сака да биде германска“. Доколку дојде на власт, партијата би барала секој нов објект изграден со државна финансиска поддршка да ја одразува она што таа го смета за препознатлива германска традиција (категорија во која, очигледно, не спаѓа највлијателното архитектонско училиште на самата држава).
Нападите врз модерната архитектура не се својствени само за германската крајна десница. Од поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан до американскиот претседател Доналд Трамп – кој издаде повеќе извршни наредби за класицизмот да стане претпочитан стил за новите федерални згради – лидерите на крајната десница долго време се обидуваат да ја трансформираат изградената средина така што таа ќе ги одразува вредностите што тие ги сметаат за соодветни национални традиции.
Причините за тоа се различни. Како прво, архитектурата – од огромните џамии изградени под водство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до истакнатите хиндуистички храмови нарачани од индискиот премиер Нарендра Моди – нуди опипливи и широко видливи показатели за тоа кои се „вистинските луѓе“. „Убавината“ – еден од клучните поими на Трамп, но и концепт што го промовираат пософистицирани фигури како холандскиот интелектуалец и денди-лидер на крајната десница, Тиери Боде – служи како синоним за застапување на традиционалните хиерархии, почнувајќи од домаќинството, па преку економијата, сè до политиката. АфД би барала сите нови јавни згради да бидат доживувани како „убави“ од страна на мнозинството (што сугерира дека секој дизајн би морал да биде предмет на народен референдум).
Многу организации и онлајн профили што свесно се залагаат за традиционализам ја поддржуваат оваа визија и, за разлика од професионалните политичари, тие се посклони отворено да ги откријат своите вистински намери. Многумина од нив експлицитно ја спротивставуваат класичната архитектура на „глобализмот“ – термин што често служи како вовед во антисемитизмот – или ги повторуваат описите од меѓувоениот период (особено нацистичките) во кои модернизмот се нарекува „дегенерирана уметност“. И покрај инсистирањето на посебноста, антимодернизмот сам по себе претставува депресивно хомоген глобален феномен.
На описот на „Баухаус“ како симбол на „губење на корените“ (дерацинација) од страна на АфД, веќе му беше возвратено со нов „Манифест на Баухаус“, инициран од германскиот сојузен министер за култура. Иако овој документ е за пофалба како политичка изјава, тој на крајот претерано ја поедноставува историјата на архитектурата од 20-от век. Спротивно на централното тврдење во манифестот, воопшто не е очигледно дека сите протагонисти на „Баухаус“ се залагале за „отворено општество“. Всушност, некои од нив биле сосема подготвени да соработуваат со нацистите и да работат за нив (иако самите нацисти официјално го забранија училиштето). Меѓу оние што го проектирале Аушвиц се наоѓал и еден архитект обучен во „Баухаус“.
Поентата не е дека секој што ја сака традиционалната архитектура мора да биде прикриен десничарски екстремист. Туку, поентата е дека културната агенда на крајната десница е тесно поврзана со нејзината суштинска политичка агенда на исклучување. А бидејќи изградената средина секогаш служи за да ги направи вредностите видливи – како што еднаш истакна филозофката Сузан Најман – би било погрешно борбата околу модерната архитектура да се отфрли како споредна работа.
(Јан-Вернер Милер е професор по политика на Универзитетот Принстон. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)