Филипче: Која Божиновска бара извинување – Бугарката или Македонката?


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека партијата нема да се извини за тврдењата што ги изнесе за министерката за енергетика Сања Божиновска, посочувајќи дека, според него, тие се засновани на податоци од официјална документација.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче се осврна на нејзиниот претходен ангажман во компании во Бугарија и Хрватска, како и на тврдењата за поврзаност со лица и компании кои денес се дел од актуелни деловни зделки.

„Факт е дека таа работела во фирмата којашто сега ги добила броилата и соработувала со тие луѓе во Србија. Од 2012 до 2014 година била управител на ‘Руднап Бугарија’. Понатаму, во загрепската фирма ‘Руднап’, на 6 декември 2013 година, во документацијата стои промена на регистрацијата и таму е идентификувана со бугарскиот пасош. И сега која Сања Божиновска бара извинување? Бугарката или Македонката? Да не бара Македонката за Бугарката“, рече Филипче.

Тој постави и прашање за интересите за кои, како што рече, работи министерката, поврзувајќи го тоа со предлогот за ограничување на можноста лица со двојни државјанства да извршуваат највисоки државни функции.

„Министерката што има бугарски пасош, што кажала дека се произнесува како Бугарка, за чии интереси работи таа жена, знаеме ли? За интереси на Македонија или на Бугарија?“, праша Филипче.

Тој додаде дека СДСМ нема да се извини и оти, според него, за изнесените тврдења постојат податоци во централните регистри.

„Нема извинување. Ние факти кажуваме. Факти, податоци кои ги има во централните регистри на сите земји, во сите фирми. Така што нема бегање од овие работи. Извинување нема, ама ќе има одговорност“, порача Филипче.