Белата куќа го отвори каналот за стриминг „Трамп ТВ“ во екот на ескалација на спорот со медиумите
Белата куќа синоќа го отвори својот онлајн стриминг канал „Трамп ТВ (Trump TV), во екот на ескалацијата на спорот со главните американски медиумски куќи откако претседателот Доналд Трамп им забрани на новинарите на три медиуми пристап и известување од Белата куќа, јави ДПА.
Каналот започна да се емитува вчеравечер, првично емитувајќи говори на Трамп, како и снимки од американските воени вежби придружени со коментари што ги пофалуваат способностите на вооружените сили.
Белата куќа на Икс соопшти дека стримот ќе се емитува 24 часа на ден, со „минати моменти, најави и најновите и најдобрите информации од администрацијата, сè на едно место“.
Првично не беа емитувани оригинални продукции или новинарски програми.
Белата куќа веќе некое време обезбедуваше пренос во живо од настапите на Трамп, потсетува германската агенција.
Лансирањето на „Трамп ТВ“ доаѓа откако Трамп во петокот објави дека го одзема пристапот до Белата куќа за новинарите од Си-ен-ен, Ем-ес,ен-би-си и Политико, ескалирајќи го долгогодишниот спор со медиумите.
Трамп ги обвини медиумите за ширење лажни вести. Критичарите го гледаат овој потег како обид за заплашување и напад врз слободата на печатот.
Трите медиуми вчера поднесоа тужба против администрацијата, велејќи дека нејзините постапки ја загрозуваат „слободата на печатот и правото на јавноста на независно новинарство ослободено од мешање на владата“, потсетува ДПА.
Другите големи американски радиодифузери одговорија со намалување на нивното известување за претседателот. „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, вчера, во знак на протест, исто така, го намалија своето фото-известување за Трамп.
Промените имаа непосреден ефект. На вчерашата прес-конференција Трамп зборуваше неколку минути, но не можеше да се слушне преносот во живо во Белата куќа. Новинарите од главните медиуми не беа присутни со свои камери и микрофони, како што обично се случува.
Главните американски телевизиски дифузери наизменично обезбедуваат известување за претседателските настани во она што е познато како заедничко известување од Белата куќа, при што ги споделуваат снимките со други медиуми, потсетува ДПА.