Завршна конференција на проектот „Зајакнување на иднината“
Завршната конференција на проектот „Зајакнување на иднината – Патеки за излез од сиромаштијата преку сеопфатна поддршка и социјална инклузија на деца и семејства погодени од сиромаштија во Северна Македонија“ ќе се одржи денеска во организација на Новинари за човекови права (НЧП) и ECPAT Австрија во Европска куќа во Скопје.
Конференцијата, како што се наведува во најавата, ќе ги собере претставници на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународната заедница, образовниот и социјалниот сектор, како и други чинители кои работат на заштита на детските права, намалување на сиромаштијата и социјална инклузија.
Утринскиот дел од програмата, од 10:00 до 12:00 часот, ќе се одвива преку три паралелни тематски тркалезни маси: „Намалување на сиромаштијата: Просење и детски труд како форми на трговија со деца и улогата на медиумите, „Кој останува надвор од системот? Недостатоци во пристапот до социјални и образовни услуги“, „Зајакнување на иднината: Создавање безбедни простори и можности за деца во социјален ризик“.
Тркалезните маси, се вели во најавата, ќе отворат простор за размена на искуства и дискусија за предизвиците со кои се соочуваат децата и семејствата во социјален ризик, институционалниот одговор, пристапот до социјални и образовни услуги, превенцијата на трговијата со деца и улогата на безбедните и поддржувачки средини во унапредувањето на детската благосостојба.
Пленарната конференциска сесија е од 13:00 до 16:00 часот, со официјалното отворање на кое поздравни обраќања ќе имаат проектните координаторки Андреа Накова од Новинари за човекови права и Анита Пинтер од ECPAT Austria, а на присутните ќе им се обратат министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, австрискиот амбасадор Мартин Памер и Харалд Бреза-Фугер, аташе за труд и социјала на Австрија во земјава.
По официјалното отворање ќе биде прикажано кратко промотивно видео посветено на проектот „Зајакнување на иднината“ и Дневниот центар „ГНЕЗДО“.
Следуваат три панел-сесии, кои ќе ги презентираат клучните наоди и пораки од утринските тркалезни маси. Првиот е на тема „Намалување на сиромаштијата, трговија со луѓе и улогата на медиумите“ што ќе ги презентира клучните наоди од Тркалезната маса 1 и ќе продолжи со панел-дискусија. Панелисти се Астрид Винклер (ECPAT), Наташа Доковска (НЧП) и Александра Радевска (НЧП).
Вториот панел е насловен „Системски недостатоци и пристап до услуги“ каде ќе бидат презентирани клучните наоди од Тркалезната маса 2, со панел-дискусија посветена на системските предизвици и пристапот до социјални и образовни услуги. Панелисти се претставник од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Кети Јандриеска Јованова (Поддршка на ЕУ за владеење на правото), Васка Бајрамовска Мустафа (Народен правобранител) и Ајсел Амет (НЧП).
Третиот панел е насловен „Одржливост и следни чекори“ што ќе ги презентира клучните наоди од Тркалезната маса 3 и ќе отвори дискусија за одржливоста на резултатите и можните следни чекори. Панелисти се Андреа Накова (НЧП), Ана Мајко (НИСМА Арсис), Надиренка Чиндарова (НЧП) и претставник на УНИЦЕФ.
Во рамки на настанот ќе биде организирана и тивка аукција на слики од страна на Teatrosk, како можност присутните да дадат дополнителна поддршка на иницијативите поврзани со децата и семејствата во социјален ризик.