Маѓар ќе го проверува имотот на политичарите 20 години наназад
Според најавата, проверките ќе ги спроведува Националната даночна и царинска управа (NAV), која ќе треба да утврди дали имотот и животниот стандард на политичарите се во согласност со нивните оданочени приходи и пријавениот имот.
Мерката би се однесувала на пратеници, премиерот, министри, државни секретари, владини комесари и комесари на премиерот. Во системот би биле опфатени и лица на кои мандатот им завршил во последните пет години.
Кај актуелните функционери, проверката би започнувала по истекот на две години од нивното прво назначување. Доколку член на парламентот или владата поднесе оставка или биде разрешен, NAV би започнувал автоматска проверка во рок од 30 дена.
Инспекциите би опфаќале недвижности, банкарски сметки, удели во компании, осигурувања, инвестиции и други средства, а под лупа би можел да се најде и имотот на блиски лица доколку постои сомнеж дека средствата биле префрлени на нивно име.
Ако NAV утврди разлика меѓу имотот и оданочените приходи што може да укажува на даночно затајување или незаконски приходи, би следела детална даночна контрола. Во случај на сомнение за кривично дело, случајот би бил проследен до надлежните институции.
Предлогот предвидува и поголема јавност на резултатите. Доколку кај актуелен или поранешен функционер правосилно биде утврден даночен недостиг од најмалку 5 милиони форинти, на јавната листа на NAV би можеле да бидат објавени неговото име, функцијата и утврдениот износ.
Маѓар најавата ја образложи како воспоставување систем во кој истите правила ќе важат за политичарите како и за останатите граѓани. Тој истовремено изјави дека проверките треба да претставуваат законска постапка, а не политичка одмазда.