Ставот за осудените од ОВК од Косово бил личен, вели Гаши
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го бранеше денес ставот за пресудата на Хашкиот суд за четворицата водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Кадри Весели. Според Гаши тој, иако е прв човек на парламентот, има право на своја приватност и став како граѓанин и како политичар за одредена настан, ситуација или прашање, независно од функцијата на која во моментов се наоѓа. И, токму затоа тој чувствувал должност да се произнесе.
„Не може двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме“, напишаа тогаш во своето соопштение од Бихаќка.
Осврнувајќи се на предизвиците со обезбедувањето на потребното мнозинство за законите што се на дневен ред, Гаши посочи дека решенијата мора да се бараат исклучиво преку демократски дијалог.
„ Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите што треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата се потребни разговор и дијалог и треба да има решение. Јас лично, заедно со сите пратеници, разговарам и бараме начин како да ги надминеме овие разлики и се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение, ќе се договориме и ако треба закон по закон или концептуално да најдеме решение. Како и да е, Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено и да биде ефективно и за самата работа на институцијата, но и за граѓаните“, рече Гаши.
Појасни дека за 123. пленарна седница, закажана за 29 септември, се ставени сите десет предлог-закони поднесени во последно време по скратена постапка, меѓу кои и оние за јавната администрација и за висока служба. Доколку некој предлог не го добие потребното Бадентерово мнозинство, постапката завршува и истиот закон не може повторно да се поднесе во следните три месеци.
Во однос на преговорите за измените на Изборниот законик, Гаши информираше дека на денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи била отворена и таа тема, при што е договорено партиите прво да ги усогласат позициите внатре во своите редови.
„ Се отворија сите теми кои се поактуелни. Се отвори и темата за Изборниот законик. Од пратеничките групи известија дека не сите се состанале во партија за да изградат нови ставови. Очекуваме во текот на идната недела, а можеби и таа потоа, да се состанат и ако има нови моменти, да свикаме работна група и да продолжат со работата“, посочи Гаши.
Додаде дека нема информација дали партиите добиле покана за средба со министерот за правда.
Прашан за законските решенија што се однесуваат на минималната плата, претседателот на законодавниот дом најави дека тие ќе се најдат пред пратениците на почетокот на идниот месец.
„ Што се однесува до процедурата, веќе разговаравме на почетокот на октомври, можеби првата недела ќе биде свикана нова седница и ќе бидат ставени овие закони, вклучително и Законот за минимална плата“, рече Гаши.
Неговиот личен став, вели, во врска со примањата и приходите е дека тие треба да се зголемуваат, а и минималната плата којашто би предизвикала зголемување и на просечната плата.
На координацијата станало збор и за функционирањето на собраниските анкетни комисии, со акцент на барањата на семејствата на загинатите од Кочани. Гаши посочи дека официјално, преку архива или електронска пошта, сè уште нема добиено писмо од родителите, но го видел јавно и ќе изврши проверка.
„ Некои од координатори мислат дека треба да заврши постоечката Анкетна комисија, па потоа да биде формирана другата комисија. Другите мислат поинаку, дека не треба да се спојува една со друга, туку дека треба да течат паралелно. Од координаторот на Левица имаме најава дека на почетокот на октомври ќе се свика постоечката Анкетна комисија, можеби ќе се донесат заклучоци и тоа ќе ја отвори вратата за да се формира и другата анкетна комисија“, рече Гаши.