Партијата на Путин освои супермнозинство на изборите во Русија
Партијата Единствена Русија на претседателот Владимир Путин освои рекордни 355 пратенички места во руската Државна дума – долниот дом на парламентот кој брои 450 пратеници – според прелиминарните резултати што во понеделникот ги објави шефицата на изборната комисија, Ела Памфилова.
Откако беа преброени речиси сите гласови по тридневните избори на кои не учествуваа партии што го критикуваат Путин, резултатите покажаа дека претседателската партија ќе има „супермнозинство“, поголемо од нејзиниот претходен рекорд од 343 места постигнат во 2016 година.
Ова беа првите парламентарни избори во Русија откако Москва ја започна својата целосна инвазија врз Украина во 2022 година.
Кремљ цврсто ги контролира изборите, а Москва ја забрани критиката кон својата воена кампања во Украина.
Памфилова изјави дека излезноста била поголема од 59 отсто и им се заблагодари на Русите што гласале и покрај, како што рече таа, „психолошкиот притисок“ врз земјата.
Руската Комунистичка партија го зазеде второто место со освоени 40 пратенички места. Националистичката партија ЛДПР освои 25 места, а партијата Нови луѓе освои 20 места.
Единствена Русија доминира на политичката сцена уште од почетокот на 2000-тите години, а Путин е на власт од новогодишната ноќ во 1999 година.
ТАСС, повикувајќи се на Министерството за дигитален развој, објави дека повеќе од 3,6 милиони луѓе гласале онлајн.
Меѓу гласачите беа жители на четири украински региони што Москва незаконски ги анектираше во 2022 година – Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје – како и жители на Крим, кој беше преземен во 2014 година. Обединетите нации и поголемиот дел од светот не ги признаваат Крим и другите окупирани украински региони како дел од Русија.
Иако првичните резултати укажуваат на предвидлив исход, берлинскиот тинк-тенк НЕСТ – чиј соосновач е критичарот на Кремљ, Михаил Ходорковски – оцени дека гласањето би можело да создаде непријатни моменти за Кремљ во период на економски притисок.
Од НЕСТ наведоа дека гласовите што ги добија Комунистичката партија и партијата Нови луѓе во многу случаи би можеле да претставуваат тивок протест против Путин и владејачката партија Единствена Русија – дури и ако овие партии всушност не му се спротивставуваат на претседателот по повеќето прашања.
„Последиците од војната сè повеќе се чувствуваат во земјата, а наталожената вознемиреност и фрустрација може да се претворат во гласови за партиите на системската опозиција, на кои Кремљ им дозволи да останат на гласачкото ливче“, се вели во нивната анализа.