Што работи Арбен Фетаи во Брисел и колку чини неговата „мисија“: ЛДП бара одговори од Владата
Опозициската Либерално-демократска партија бара од Владата да ги објави податоците колку чини „мисијата“ на поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи во Брисел, каде што тој е „специјален претставник при ЕУ“.
„Неработникот и недоаѓач на работа екс-вицепремиер наместо казна и вратени пари за незаработената плата доби унапредување и измислена функција во Брисел како ‘специјален претставник на Владата’ при ЕУ. И така (о)стана дел ‘елитата’ платена со народни пари. Тоа е сѐ што јавноста дозна“, велат од ЛДП. И во име на граѓаните бараат да се знае каква е точно мисијата и улогата Фетаи при ЕУ кога државата има свој највисок претставник со титула амбасадор при ЕУ и цела амбасада во Брисел.
ЛДП бара Владата јавно и транспарентно да соопшти која е специјалната мисија на Фетаи во Брисел, што е тоа дополнително што ќе го работи вон постоечките капацитети и какви се очекувањата за успех на неговата мисија? Исто така, граѓаните имаат право да знаат колку точно месечно ги чини оваа „специјално измислена мисија на расфрлање на пари“ за плати, надоместоци, трошоци и слично?
„Кога нема пари за лекови и за терапија, кога нема пари за зголемување на студентскиот оброк, кога нема пари за намалување на ДДВ и акцизата на горивата, кога нема пари за социјални потреби тоа е затоа што некој намерно и свесно се расфрла со парите на народот. Да беше само скандалот со прославата на независноста ќе бевме среќни“, велат од ЛДП.